Пратеникот и лидер на бугарската екстремно десничарска партија „Преродба“, Костадин Костадинов бара од бугарските власти да објават претензии за припојување на Македонија кон Бугарија, налик на изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп за Гренланд, Канада и Панамскиот канал.
Во објава на социјалните мрежи, Костадинов истакнува дека барањата на Трамп кон Канада се целосно оправдани. Според него, нема ништо пологично и понормално од тоа две земји со заедничка историја, заедничко потекло, заеднички јазик и главно обични луѓе, како што се САД и Канада, да станат една земја.
-Истото важи и за претензиите на Трамп за Панамскиот канал. На крајот на краиштата, САД беа првиот земјопоседник на каналот, тие го градеа и го поседуваа до 1979 година.
Затоа „Преродба“ целосно ги поддржува тврдењата на новоизбраниот американски претседател, објавува тој.
Иста е ситуацијата и со Македонија, продолжува Костадинов. Тврди дека, како што вели, „нема ништо пологично од тоа две земји со заедничка историја, заедничко потекло, заеднички јазик и народ да станат една земја“.
-Сличен е случајот и со Јужна Бесарабија. Таа е дел од бугарската држава повеќе од 450 години, Бугарите се домородното население на оваа област (од 6 век) и до денес се мнозинство од населението. За споредба, Украина ја поседува Јужна Бесарабија само 34 години.
Затоа нема ништо пологично од обединување на Бугарија и Македонија во една заедничка држава, како и враќање на Јужна Бесарабија назад кон Бугарија. Украина се распаѓа и на идниот мировен конгрес кој ќе одлучува за судбината на неуспешниот т.н. Украинската државност, Бугарија мора да ги тврди своите претензии кон бугарска Бесарабија, стои во објавата на социјалните мрежи.
Проруската „Преродба“ на последните бугарски избори освои 13,8 отсто од гласовите.
Во ноември 2022 година, Костадинов присуствуваше на отворањето на новите простории на бугарскиот КИЦ во центарот на Скопје и повторно даде контроверзна и провокаторска изјава велејќи дека „Македонија е втора бугарска држава“.
-Секој Бугарин во Бугарија ја сака Македонија, ние сме еден народ, зборуваме еден јазик и имаме заедничка култура. Јас ништо не ве убедувам, имате глава на рамењата. Јас ви велам, ли како да се чувствувате? Зошто тогаш на луѓето тука кои сакаат да се чувствуваат како Бугари им забранувате така да се чувствувааат? Со вас зборувам еден ист јазик, се разбираме. Јас немам против да чувствувате како Македонци, рече тогаш Костадинов.
Македонско-бугарските односи се нарушени по бугарското вето за старт на македонските преговори за влез во ЕУ, бидејќи Бугарија не го признава македонскиот јазик и делови од историјата и се жали на дискриминација на свои граѓани во земјава. Софија во летото 2022 година го повлече ветото за почеток на преговорите со ЕУ откако Скопје го прифати францускиот предлог кој меѓу другото, предвидува бугарскиот народ да стане дел од македонскиот Устав. Сепак, нашата земја се уште не ја одржа Втората меѓувладина конференција со ЕУ бидејќи уставните измени не се усвоени.