Костадинов по изборите: Недозволиво е самоволието да продолжи да владее и со тоа секој еден член на СДСМ да биде понижен

„Немојте да зборувате дека сте среќни со резултатот. Поголем пораз од ова нема“, им порача Костадинов на раководството на СДСМ

од Nikola Popovski
59 прегледи Фото: Фејсбук

Актуелниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов вели нема поголем пораз за СДСМ од овие резултатите на локалните избори кои се одржаа вчера. Костадинов не беше предложен и не доби поддршка од својата партија за да трча за нов мандат.

-По 20 години, во општината која беше пример и бисер за прогрес, СДСМ ќе биде опозиција. Уште еднаш сакам да честитам на резултатот и за градоначалничкиот мандат, и за мнозинството во Советот на Општината. Тоа е гласот на струмичанки и струмичани, избор што произлегува од политичката понуда создадена од одлуките на раководството на СДСМ. Од резултатите на Државната изборна комисија е јасно дека изборното цунами се разлеа низ речиси сите општини во државата. Ова не е обичен пораз, туку тешка брука и срам политички, но и морален. Состојбата во која е запален црвен аларм не е доволен сигнал за раководството на, до вчера, најголемата опозициска партија. Ова е сигнал за политичко заминување на поголем број членови од раководството, порача Костадинов.

Додава дека сега СДСМ е четврта политичка сила! СДСМ не влезе во втор круг во Скопје!

-Тука станува збор за политичка одговорност и политички срам. Недозволиво е самоволието да продолжи да владее и со тоа секој еден член на СДСМ да биде понижен. Немојте да зборувате дека сте среќни со резултатот. Поголем пораз од ова нема, објави Костадинов.

Смета дека на партијата ѝ е потребна суштинска консолидација.

-Час поскоро, секој кој носел одлуки треба да се погледне во огледало и да признае дека не го бива. И да си оди. Тоа е доблест, чекор со кој ќе се овозможи вистинските луѓе да се интегрираат во партијата и искрено да почнат со работа. Веднаш, уште денес. Mора да се седне на маса. За консолидација, но суштинска, а не декларативна на прес конференции. Вистинска, лице в лице. Повикувам, со ладни глави, кон реформа, реконструкција, ремонт и ребрендирање, кои можат да ја излечат СДСМ, заклучува Костадинов.