Работниот ден го започнувам во 07:00 часот, со посветена, неуморна работа, ред и дисциплина, почнувајќи од мене, па до последниот вработен во општината, јавните претпријатија и училиштата, истакна на денешната прес – конференција градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов.
-Се откажав од користење на службено возило и службен телефон, а средствата ќе бидат наменети за проектот Младински културен центар. Јавно го објавив мојот телефонски број, а тоа ќе го направат и директорите на јавните претпријатија и раководителите на секторите во Општината и надлежните служби за непосредна комуникација со граѓаните за побрзо и поефикасно решавање на нивните проблеми, истакна на денешната прес – конференција градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов.
Додаде дека е почната сериозна градежна офанзива, во која втор слој асфалт е поставен на осум улици со вкупна површина од 11.500 метри квадратни.
-Се изврши бетонирање на платформата на детското игралиште на улицата „Моша Пијаде“ познато како „Шпики“ на кое ќе биде поставена нова комбинирана играчка. Градиме игралиште и кај Домот на АРМ. Ја интензивиравме реконструкцијата на училиштето во Добрејци и Баница, но и на сите локации каде што течат градежни активности, им порачав на изведувачите да се почитуваат роковите, во спротивно ќе плаќаат казнени поени, посочи струмичкиот градоначалник.
Најави дека Општината ќе биде без диви депонии и затоа е воведено двосменско работење на комуналните инспектори, но паралелно ќе се работи и на подигање на јавната свест, особено за заштитата на животната средина.