Костадинов: Со иницијатива до Уставен, бранителите на Груевски сакаат да го спасат од одговорност, амнестија ќе нема

од desk2
89 прегледи

Бранителите на Никола Груевски поднеле иницијатива за испитување на уставноста на членови од Кривичниот законик врз основа на кои се товари поранешниот премиер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, но амнестија нема да има најави денеска Костадин Костадинов од СДСМ.

„Со иницијатива до Уставниот суд се обидуваат да ја оспорат уставноста на Кривичниот законик, односно членот 353 став 5, кој се однесува на злоупотреба на службена должност. Иницијативата има за цел одговорноста за неправилностите во јавните набавки да се префрли врз Комисијата за јавни набавки, а со тоа Груевски и неговите соработници, да бидат ослободен од одговорност. Истовремено, се бара предметите што се водат во моментов а се однесуваат на кривичните дела поврзани со Злоупотреба на службената положба и овластување, да бидат запрени се додека Уставниот суд не се произнесе.
Ова не е ништо друго освен последен, јалов, очајнички и правно неписмен обид за амнестија на Никола Груевски и неговите соработници“, вели тој.

Според него, со ова се потврдува дека единствена цел на Мицкоски и сегашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ е амнестија на криминалот на Никола Груевски.
„Христијан Мицкоски, претходно и сегашно раководство на ВМРО-ДПМНЕ, треба да знаат дека амнестија нема да има.
Македонија е правна држава. Законите важат и ќе важат за сите подеднакво. Никој не е и нема да биде над законите и ниту еден закон нема да се менува или укинува за некој да се спаси од одговорност“, порача Костадинов.