Костадинов со порака до Мицкоски и МНР, повторно го спомна и Трамп

од Nikola Popovski
103 прегледи

Лидерот на бугарската Преродба, Костадин Костадинов повторно се огласи откако вчера побара присоединување на Македонија кон Бугарија, по изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп и намерите со Гренланд, Панамскиот канал и Канада. Костадинов реагираше на осудата на македонското МНР по неговите контроверзни ставови.

Бугарскиот политичар упати и порака кон премиерот Христијан Мицкоски, нарекувајќи го „Ристе Мицкиќ“.

„Го советувам Ристе Мицкиќ, македонскиот премиер, кога ќе оди на инаугурацијата на Трамп во Вашингтон следната недела, лично да му го каже истото во однос на претензиите на САД кон Канада и Панамскиот канал. Освен тоа, очекувам македонското МНР да ја осуди изјавата на Трамп како „неконзистентна со духот и времето во кое живееме, со европските стандарди кои категорично ги почитуваме и спротивно на нашите напори да гарантираме траен мир, безбедност и просперитет“.

И ако се прашувате што прави Ристе во Вашингтон, не се чудете. Орбан, ортакот на шефот на Ристе, Никола Груевски, му ја договорил поканата“, стои во објавата на Костадинов на социјалните мрежи.

МНР соопшти дека силно ја осудува објавата на лидерот на бугарска политичка партија Преродба, со која изразува јасни територијални претензии кон нашата држава.

-Таквите злонамерни изјави на официјални личности од бугарската политичка сцена се директен напад на суверенитетот, интегритетот и независноста на нашата држава и истовремено се во директна спротивност со правилата и принципите на меѓународното право, немешањето на државите во нивните внатрешни работи и политиката на градење добри меѓусоседски односи, се наведува во реакцијата на македонското МНР.

Ресорот ја оценува изјавата на Костадинов како недолична и непримерна и очекува да биде отфрлена од официјална Софија.

Мицкоски на 20-ти јануари во Вашингтон ќе присуствува на инаугурацијата на новиот американски претседател. Тој ќе присуствува и на свеченоста насловена како „Гласови на слободата“ која ќе се одржи по инаугурацијата.

Најавено е дека за време на престојот во Вашингтон, македонскиот премиер ќе се сретне со Хауард Лутник, копретседавач на тимот за транзиција на претседателот Доналд Трамп и министер за трговија, Девин Нунес, претседавач со советодавното тело за разузнавање на претседателот Доналд Трамп и извршен директор на Трамп медиумската корпорација и со извршниот директор на Рамбл, Крис Павловски.

Од Владата посочуваат дека можни се и повеќе други средби.

Слични содржини