Костадинов става ништовност и вето за невладините кои се занимаваат со „неговото право на верување во Бога“

од Nikola Popovski
211 прегледи

Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов реагираше но нападите упатени кон него од одредени невладини организации, поради поддршката што ја дава за трибините и јавната дебата поврзани со законите за родова еднаквост и за матична евиденција, организирани од Фондацијата „Елеуса“ при Струмичката епархија на МПЦ-ОА.

– Од денеска како градоначалник, со целото мое законско право, ставам ништовност на секој меморандум на таквите невладини организации и вето доколку каков било допис стигне до општината од нивна страна, оцени Костадинов во реакцијата објавена на неговиот Фејсбук профил.

Во објавата тој наведува дека не ја разбира потребата на одредени невладини организации да се занимаваат со неговото човеково право на верување во Бога и не разбира зошто истото им пречи.

– Јас сум човек кој има разбирање за сите, но со сигурност не и за нив. Иако без ниту еден кажан збор, сум мета на одредени индивидуи, јас сум човек растен во духот на Христијанството и ќе простам. По неколку пати толеранција доведен сум до степен да си ја заштитам мојата Струмица, моите струмичанки и струмичани. Побарав извинување за навредените богољубиви граѓанки и граѓани на Струмица и не го добивме, денеска повторно по Фејсбук статуси, по коментари сме навредувани, омаловажувани како луѓе и тоа нема да помине, стои во објавата на Костадинов.

Тој додава дека кога е Струмица во прашање нема компромиси, дека се работи, како што вели, „за нашите деца, нашите внуци, станува збор за сите нас“.

На крајот Костадинов порачува дека еднаквите можности помеѓу жените и мажите во Струмица се посилни од кога било.

Слични содржини