Можноста да се дојде до физичка ликвидација на Бугарите во Северна Македонија е се пореална и запрепастувачка. Што ја чека бугарската држава, вака прашал лидерот на бугарската партија „Преродба“ и пратеник Костадин Костадинов во обраќање од говорницата во Бугарското собрание по повод нападот врз секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, Христијан Пендиков во Охрид.
Костадинов изјавил дека по тепањето, нивниот сонародник отишол во полиција, па бил испратен во болница, пишуваат бугарските медиуми.
-Сите европски институции продолжуваат да замижуваат пред антибугарската кампања во Северна Македонија. За таква Македонија нема место во ЕУ, истакнал Костадинов, објави бугарскиот медиум „24 часа“.
До него и до неговите сопартијци, како што вели, постојано стигнувале информации за заплашени Бугари.
-Последниот пример беше по одбележувањето на 95 години од смртта на Мара Бонева, по што сите присутни Бугари добија закани од локалните граѓани. Бугарија треба да го покрене ова прашање на состанокот на Советот на министри за надворешни работи на 23 јануари пред Жозеп Борел, рекол Костадинов од собраниската говорница во Софија.
Бугарските медиуми денеска соопштија дека бил претепан секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“. Тие ја цитираа објавата на бугарскиот европратеник и член на ГЕРБ, Андреј Ковачев.