Кандидатот за градоначалник на Валандово од СДСМ, Перо Костадинов во дебатната емисија на МТВ, ја побара поддршката од граѓаните за наредниот мандат и ја презентираше својата програма.
„Ја барам поддршката од граѓаните на општина Валандово, за сите заедно да продолжиме да создаваме локална средина во која ќе се чувствуваме достоинствено, слободно, која ќе напредува во секоја сфера, на секое поле, која ќе напредува како што изминатиот период одеше напред и да продолжиме отворено, чесно, стабилно, да го развиваме Валандово кое секојдневно ќе напредува и ќе биде подобро и подобро“, рече Костадинов.
Од својата програма Костадинов истакна носење на урбанистички планови за градот и население места, продолжување на комплетно бесплатните градинки во општината, стипендирање на учениците, средношколците и маргинализираните групи.
„Поддршката за граѓаните драстично ја прошируваме, 10 милиони денари за започнување семејни и нови бизниси, 5 милиони за граѓански здруженија и организации, 2 милиони денари за нашите пензионери. Субвенцијата за новореденче ќе се зголеми од 5 на 30.000 денари. Продолжуваме да ги враќаме парите кај граѓните, секој граѓанин да сфати дека неговиот данок е вратен за подобри услови, за млади, возрасни за секој граѓанин, многу е значајно тоа да продолжиме да го правиме“, нагласи Костадинов.
Тој посочи дека со програмата се воведува селектирање на отпад, секое домаќинство ќе добие корпи за селектирање на отпад, а контејнерите во Валандово ќе отидат во историја.
По решавањето на неизвесната иднина на Валандово, на кое му се закануваше од една од најеколошките општини, да стане рударско окно, во општината се инвестирани 24 милиони евра за наводнување, градинки, учиишта во капитални инвестиции за граѓаните, нагласи Костадинов, и потсети дека неговиот против кандидат се залагал за отворање на рудникот, но и дека како носител на бројни јавни функции од 2004 година не направил ништо за Валандово.