Костадинов тврди дека не повикувал на убиство на Латас и бара одговор од ВМРО-ДПМНЕ „зошто стојат позади човек кој вели дека Струмица е бугарска“

од Nikola Popovski
325 прегледи

Градоначалникот на општина Струмица, Костадин Костадинов се огласи со уште една објава по синоќешните пораки испратени кон новинарот Драган Павловиќ-Латас. Костадинов попладнево со „помек став“ во однос на вчерашните „клетви и најави за освета“.

Градоначалникот тврди дека не повикувал на насилство, ниту на убиство. Исто така испрати порака кон ВМРО-ДПМНЕ.

„Кога ВМРО-ДПМНЕ одлучува да го стави во одбрана новинарот Драган Павловиќ Латас, треба прво да се погледне во огледало и да се праша: кого точно штити и на чив грб го прави тоа?

Истиот Латас, кој во својот подкаст ја нарече Струмица „бугарски град“. Истиот Латас за кој постојат долго време јавни сомнежи, не само за злоба, туку и за сериозни обиди за сексуално насилство. Истиот Латас кој денеска е гласноговорник на една партија, но и нејзин срам.

Во мојата објава немаше ниту збор за насилство, ниту повик за убиство. Тоа можел да го види само човек што во себе го носи тој мрачен нагон. Јас пишував за одбрана на честа, за семејството, за вистината. И ќе го правам тоа секогаш – гласно, исправено и достоинствено. Моите зборови не беа упатени кон новинарот Латас, туку кон “човекот” Д.П. Латас! Предлагам ВМРО-ДПМНЕ сериозно да се преиспита и да најде начин како ќе им објасни на граѓаните на Струмица, на цела Македонија – зошто стои зад човек што вели дека нашиот град е бугарски? Како ќе го објаснат овој пад, пред своите гласачи, пред своите деца, пред историјата? Ова не е само политички пораз – ова е етички срам“, стои меѓу другото во објавата на Костадинов.

Градоначалникот на Струмица вчера ја повика целата своја фамилија да му се одмаздат на новинарот Латас „според нивните закони“ оти упатил контроверзни зборови за неговиот покоен татко.

„Да кажеш дека татко ми „ја искоцкал куќата“ и со тоа да го ставиш на маса за потсмев тоа не е хумор. Тоа не е критика. Тоа е отворен воен акт кон моето семејство. А кога ќе удриш по мртов човек – знаејќи дека не може да ти одговори – тогаш ќе одговараш на живите. На нас. На мене. На моите. На сите што ќе се родат со нашето презиме“, порача тој меѓу другото.

Костадинов најави „освета“ кон Латас: „Го изговори името на мојот татко со гадна уста, сега ти нема враќање“

Слични содржини