Пратеникот и лидер на бугарската партија „Преродба“ Костадин Костадинов продолжува со своите контроверзни изјави во однос на С. Македонија.
„Ја кажав историската и реалната политичка вистина во моментов, нешто што во принцип не се случува многу често во Македонија“, изјавил Костадинов во интервју за БТВ по повод последниот скандал во петокот.
Тој додал дека „македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот“.
„Какви територијални претензии кажав кон Македонија, освен што кажав дека во земјата живеат луѓе кои се сметаат себеси за Бугари, кои зборуваат бугарски јазик, дека ние зборуваме ист јазик како и луѓето во Македонија. Сега го нарекуваат македонски, но тоа не значи дека не се разбираме и дека секој нормален филолог во светот знае дека тоа е дијалект на бугарскиот јазик“, потенцирал Костадинов.
За изјавата дека „Бугарија и Македонија се две земји кои треба да бидат една“, бугарскиот пратеник коментира дека тоа го сакале сите бугарски преродбеници.
„Од моментот кога пристигнав во Македонија, додека не се вратив назад и буквално до денес, добивам многу честитки од Бугарите од Македонија кои велат: „Конечно некој отиде и им ја кажа вистината на македонските новинари во центарот на Скопје“, нагласил лидерот на „Преродба“.
Костадинов во петокот од центарот на Скопје го повтори радикалниот став дека Македонија е втора бугарска држава, односно треба да бидеме една држава која ќе се протега од Црно Море до Охридско езеро.
– Се разбира, Македонија е втора бугарска држава. Секој Бугарин во Бугарија ја сака Македонија, ние сме еден народ, зборуваме еден јазик и имаме заедничка култура. Јас ништо не ве убедувам, имате глава на рамењата. Јас ви велам, ли како да се чувствувате? Зошто тогаш на луѓето тука кои сакаат да се чувствуваат како Бугари им забранувате така да се чувствувааат? Со вас зборувам еден ист јазик, се разбираме. Јас немам против да чувствувате како Македонци – рече тој.
Премиерот Димитар Ковачевски пред два дена соопшти дека Костадинов повеќе не е пожелен и добредојден во земјава.