Со сослушување сведоци предложени од Јавното обвинителство, во судницата во затворот „Идризово“ денеска продолжи судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Во својство на сведок исказ даде Ана Костадиновска, придружен вокал на групата ДНК и редовен професор во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје. Таа истакна дека со години работи како придружен вокал со повеќе македонски изведувачи и дека не била постојан член на ДНК, исто како и нејзината колешка и пријателка Сара Пројковски.
Во однос на техничката екипа, Костадиновска изјави дека улогата на Мартин Атанасовски била грижа за техниката. На прашањето кој ги поставувал прскалките, рече дека никогаш не видела кој ги местел во ниеден клуб, но според работата што ја извршувал Атанасовски, „може да бил тој“. На повеќекратни прашања од Обвинителството и од одбраната за тоа кој ги поставувал и кој ги активирал прскалките, сведокот остана на ставот дека не знае и не видела кој ги вклучувал, посочувајќи дека можно е тоа да го правело и техничко лице од клубот.
Костадиновска потврди дека во последните четири–пет години ДНК често настапувале низ државата и дека во последните години на настапите се користеле прскалки, но без претходни инциденти. Опишувајќи го доаѓањето во Кочани, наведе дека патувале со автомобил, при што возач бил Андреја Ѓорѓиевски, а сопатници биле Игор Велков (тонец), таа и Сара Пројковски.
– Мислам дека Панчо дојде со својот автомобил. Ние секогаш доаѓавме порано за да ја одработиме тонската проба, а Панчо доаѓаше подоцна, изјави Костадиновска.
За почетокот на настапот, сведокот рече дека концертот започнал околу еден и пол по полноќ и дека не може да каже точен број на присутни, но дискотеката била полна.
– Ја изведувавме песната „Што сака нека биде“ и на самиот рефрен се вклучија прскалките. Ништо не беше неочекувано, на истата песна секогаш се палат. Инстинктивно погледнав нагоре бидејќи почувствував топлина. Панчо повика да излеземе, но никој од нас не ја сфати сериозно ситуацијата. Се движевме споро кон излезот. Забележав врата десно од мене и ги повикав да излеземе од таа врата, но беше заклучена. Потоа излеговме по подолгиот пат, кога ситуацијата веќе ескалираше, рече Костадиновска.
На прашање дали видела некој да употреби противпожарен апарат, одговори дека „мисли оти газдата донел ПП-апарат и му го дал на Панчо“, но дека таа веќе била на излезот.
– Лично не видов повеќе никој од бендот. Паднав во стампедото, настана хаос. Се чувствуваше силен мирис што нè тераше на спиење. Ми помогна едно момче кое беше до мене и нè држеше будни. Ногата ми беше приклештена, имаше многу луѓе. Во еден момент се почувствува свеж воздух што ни даде надеж. Момчето над мене се помрдна за да ја извлечам ногата и така излегов, рече сведокот.
– Коленото ми беше набиено навнатре и сè уште имам болки. Имав изгореници по лицето, веројатно од високата температура во клубот, како и траги како од цигара, рече Костадиновска, нагласувајќи дека веста за загубата на блиските сè уште не ја прифатила во целост.