Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска на граничниот премин „Ќафасан“ го пречека претседателот на Австрија, Александер ван дер Белен, кој на покана од претседателот Стево Пендаровски, денеска и утре престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.
Костадиновска-Стојчевска му посака пријатен престој на сојузниот претседател Ван дер Белен и ги истакна добрите односи помеѓу двете земји, вклучително и во областа на културата.
Костадиновска-Стојчевска додаде дека оваа официјална посета ќе даде дополнителен импулс во зацврстувањето на пријателските врски помеѓу Северна Македонија и Австрија. Министерката за култура изрази задоволство што покрај официјалната програма, делегацијата ќе има можност да се запознае и со македонското современо творештво, со традицијата и, секако, со значајни културно-историски споменици и локалитети во Охрид и во Скопје.
Претседателот Ван дер Белен утре ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести на официјална церемонија во Кабинетот на претседателот, по што ќе следува тет-а-тет средба на претседателите Пендаровски и Ван дер Белен и пленарен состанок на делегациите на Северна Македонија и Австрија.
Во рамки на посетата, во црквата „Св. Спас“ во Скопје претседателот Ван дер Белен и претседателот Пендаровски ќе положат венци на гробот на Гоце Делчев. Предвидено е двајцата претседатели да се обратат на Македонско-австрискиот економски форум „Зајакнување на деловните односи меѓу Северна Македонија и Австрија“.
За време на официјалната посета, австрискиот претседател Ван дер Белен ќе оствари средби и со претседателот на Собранието Талат Џафери, претседателот на Владата, Димитар Ковачевски и ќе се обрати на свечена седница во Собранието на Република Северна Македонија.
Својата официјалната посета на Република Северна Македонија австрискиот претседател Ван дер Белен ја започнува денеска со посета на Охрид.