Костадиновска-Стојчевска: Незадоволните од резултатите на конкурсите, да ја искористат жалбената постапка

од Stefanija Kuzmanovska
163 прегледи

На денешниот брифинг со новинарите, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска се осврна на резултатите, како и на реакциите во врска со Годишната програма за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2023 година.

Министерката за култура рече дека субјективниот пристап кон толкувањето на целта на конкурсите како да ja девалвира нивната суштина, а тоа е поддршка, а не целосно финансирање на сите пристигнати пријави, над 3 илјади за оваа година. Во тој случај, не би бил доволен ни целиот годишен буџет на Министерството за култура, рече министерката.

„Го имаме предвид фактот дека пазарот е мал и дека има свои правила, но оние што веќе се докажале на пазарот, не треба да го изгубат чувството дека поддршката што ним им е дадена на почетокот на нивните кариери, сега му е потребна и на некој друг”, рече министерката Костадиновска-Стојчевска.

За реакциите во врска со резултатите од конкурсите, министерката за култура рече дека ги разбира и повика секој што е незадоволен, да ја искористи правната можност за жалба.

Во тој контекст, министерката Костадиновска-Стојчевска го повика организаторот на „Офф-фест” да ја искористи жалбената постапка, а не да ја откажува манифестацијата.

По реакциите за проектите во издавачката дејност, министерката Костадиновска-Стојчевска рече дека стручната комисија била исправена пред предизвикот да направи квалитетна и коректна селекција со намален буџет. Притоа, таа посочи многубројни примери на автори кои со години се поддржувани од Министерството за култура за нивните дела, за преводи на нивните книги и за учество на меѓународни маниефестации и саеми.

Министерката информираше дека комисиите поддржале голем број проекти со кои се одбележуваат јубилеите во оваа година, како што се: 120 години од Илинденското востание, Година на Ацо Шопов, 60 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје…

На брифингот со новинарите стана збор и за предлозите што Министерството за култура ги доставило во постапката за изготвување нов закон за даночни олеснувања, со што би се обезбедиле повеќе средства за проекти од културата.

Костадиновска-Стојчевска ги повика и институциите од културата и невладиниот сектор, како и секој уметник одделно, да обрнат внимание на отворените повици за финансирање на културата од Европската Унија, од УНЕСКО и од други меѓународни фондови кои одвојуваат сè повеќе средства за поддршка на културата, особено за земјите од Западен Балкан.

Слични содржини