Костадиновска-Стојчевска: Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ е природен бедем каде посветено се негува македонистиката

„Студентската вечер на Филолошкиот факултет ‘Блаже Конески’ е јасен став на младите дека заеднички продолжуваме да го афирмираме и штитиме јазикот, но и постојано да ја осовременуваме книжевноста“, истакна министерката за култура.

од Бети Божиноска

„Издаваштвото и афирмацијата на македонската книжевност е повез на нашиот културен и национален идентитет. Книжевните архиви се нашата ризница со која го потврдуваме постоењето на македонското писмо и на јазикот, истакна министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска во пост на „Фејсбук“ по студентската вечер на македонската книжевност и култура „Непрочитано писмо“, на Катедрата за македонска книжевност и култура.

Министерката претходно денеска присуствуваше на настанот кој е дел од манифестацијата „Деновите на македонската литература на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

„Студентската вечер на Филолошкиот факултет ‘Блаже Конески’ е јасен став на младите дека заеднички продолжуваме да го афирмираме и штитиме јазикот, но и постојано да ја осовременуваме книжевноста“, министерката за култура, додавајќи дека Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ е природен бедем каде посветено се негува македонистиката.

Како што вели Костадиновска-Стојчевска, студентите и младите се наследници на литературата која од памтивек ја создавале вредните пишувачки умови.

„Денеска новите генерации ми влеваат спокојство дека го чуваат јазичниот простор и се свесни за силината на македонскиот јазик и книжевност,“ напиша министерката по настанот.

Таа укажа дека Министерството за култура го препознава трудот на младите и современи автори и постојано ја дава поддршката на нивните проекти.

Манифестацијата која започна денеска со темата „Српскиот и македонскиот книжевен романтизам“, продолжува утре со предавања на професори од Нови Сад и од Љубљана, на теми:  „Како се предава македонската книжевност на Филозофскиот факултет во Нови Сад?“, и „Рецепцијата на расказот ’Вампир‘ од Петре М. Андреевски во Словенија: од превод до адаптација во музичко-раскажувачки перформанс“.

Слични содржини