Костадиновска Стојчевска: Гаши требаше да ја прочита заклетвата прво на македонски, па на албански јазик

од Nikola Popovski
840 прегледи

Пратеничката на СДСМ и министерка за култура во заминување, Бисера Костадиновска-Стојчевска соопшти дека поднела претставка до Секторот за инспекциски надзор при Министерството за култура против новиот претседател на Собранието, Африм Гаши бидејќи прво ја прочитал заклетвата на албански, а потоа на македонски јазик.

„Не може и не смее да се премолчи за заклетвата дадена на скандалозен начин од првиот човек на Собранието. Поради оваа причина веќе поднесов претставка до Секторот за инспекција при Министерството за култура и ќе продолжам да ги користам сите механизми кои во моментов се достапни за заштита и употреба на македонскиот јазик“, навела Костадиновска-Стојчевска, потсетувајќи дека Законот за употреба на македонскиот јазик прецизно ја афирмира правичната употреба на македонскиот јазик.

Како што вели таа, очекувала дека актуелната претседателка Гордана Силјановска-Давкова, која беше пратеник кога се подготвуваше текстот на Законот за употреба на македонскиот јазик, најостро ќе го осуди чинот на заклетва, која Гаши прво ја положи на албански јазик.

Костадиновска-Стојчевска истакнала и дека новата претседателка го нарушила духот на мултиетничноста на државата, но и духот на Уставот и Законот за употреба на македонскиот јазик.

Слични содржини