Костадиновска-Стојчевска: Ја остваривме визијата, имаме Национален џез оркестар

од Vladimir Zorba
694 прегледи

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска пред почетокот на првиот концерт на Национален џез-оркестар, истакна дека со многу љубов, работа, разбирање, почит и визија заеднички стигнале до оваа концертна вечер на новоформираната национална установа од областа на културата.

„Знаеме како заедно дојдовме дотука. Затоа оваа вечер, задоволството е уште поголемо. Убедена сум дека овие музичари, кои му се познати и на регионот, ќе посегнат и кон врвот на светската џез-сцена. Како министерка за култура, како Министерство и како Влада, ќе ги поддржиме и на тој пат“, рече Костадиновска-Стојчевска.

Министерката за култура дополни дека токму овие музичари, со нивното активно и страсно уметничко дејствување и влијание, ја наметнаа потребата од формирање државен биг бенд.

„Нивната работа ја продолжува традицијата што нашата музичка култура ја имаше со ревискиот оркестар. Со благодарност кон основоположниците на овој жанр, од име на сегашната генерација и на младите кои се школуваат за овој музички стил, од срце го честитам и неизмерно му се радувам на официјалниот нов почеток на Џез-оркестарот“, рече Костадиновска-Стојчевска.

Со концертот „Jazz Nova“, кој вечерва се одржа во Националната опера и балет, започна концертната сезона на оваа нова национална установа, беа изведени композиции за биг бенд од македонски истакнати џез-автори од различни генерации.

За месеците што следуваат, новата национална установа подготвува внимателно избран репертоар што ги следи актуелните трендови во џез-музиката, но вклучува и изведби на џез-класици од домашната, регионалната и од светската џез-сцена, како и гостувања на еминентни музички имиња.

Одлуката за основање нова национална установа во културата – Национален џез-оркестар, Владата ја донесе минатата година. Новата установа ќе придонесе кон создавање висококвалитетен македонски џез-производ, којшто ќе постави нови критериуми и повисоки стандарди на македонската џез-сцена и ќе стане препознатлив во земјава и надвор од неа, по својата уникатност.

Оваа установа, меѓу другото ќе ги зачува талентираните џез-музичари, ќе им овозможи траен и одржлив ангажман, ќе се залага за едукација на млади таленти и ентузијасти, ќе организира џез-фестивали и настани коишто ќе помогнат во негувањето на џез-културата на територијата на целата држава.

Слични содржини