Костадиновска-Стојчевска: Ја усогласуваме законската регулатива, за подобра заштита на културното наследство

од Radmila Tasevska

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска се обрати на Втората годишна средба на архитекти и планери во организација на Комората на овластени архитекти и овластени инженери, при што ја истакна поврзаноста на архитектурата, планирањето и културното наследство како неразделни аспекти кои се одраз на иманентните вредности на културниот идентитет и традиција на една земја.

„Оваа средба има исклучителна важност за сите нас, затоа што во својот фокус ги става архитектурата и планирањето како елементарни дисциплини во егзистенцијата на еден народ, но истовремено ја одржува жива дискусијата за подобрување на заштитата и третманот на културното наследство во нашата држава, што говори многу за нашиот културен идентитет“, рече Костадиновска-Стојчевска на Конференцијата која се одржа во Битола.

Министерката за култура, пред присутните, бројни истакнати архитекти, планери, инженери од целата држава, од Архитектонскиот факултет во Скопје и Асоцијацијата на архитекти, зборуваше за богатото културното и архитектонско наследство на Битола, но иза предизвиците со кои се среќава град со вековна традиција.

Истакнувајќи го ова прашање како проблем на секој наш град кој има материјални траги на културно наследство, Костадиновска-Стојчевска се осврна на потребата од усогласување на Закон за градење и Закон за заштита на културно наследство.

„Свесни за овие предизвици во тек е интензивна подготовка на законската и подзаконската регулатива, која се однесува на заштитата на објектите и материјалото наследство. Заедничката цел на двата закони е да се одврземе од јазолот на бесконечни ситуации и неизвесни постапки во кои запаѓаат и проектантите и надлежните органи, со што конечно ќе се синхронизираат и двата закона“, рече министерката за култура.

Таа посочи дека ридобивките од консолидирање на овие два закона ќе бидат видливи не само во Битола, туку подеднакво и во останатите заштитени градски јадра како во Крушево, Кратово, Старата скопска чаршија. „Она што сакаме да го постигнеме е вистинска, а не само теоретска заштитата на културното наследство, баш онака како што доликува на еден град како што е Битола“, рече министерката за култура.

Во оваа насока, Костадиновска-Стојчевска изрази благодарност за соработката на архитеките и урбанистите од Комората на овластени архитекти и овластени инженери со Асоцијацијата на архитекти кои имааобединети гледишта во однос на правната регулатива во овој сектор.

Втората годишна средба на архитекти и планери се одржа на тема: „Архитектот де факто, визави Архитектот де јуре“, а министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска ја отвори и изложбата, „Мерило на македонската архитектура“ на која се претставени трудови кои беа дел на 20-тото и 21-то биенале на архитектура во Скопје- БИМАС, со изложени проекти од областа на архитектура, урбанизам, дизајн и енетриер. 

Слични содржини