Пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, изјави дека приоритет треба да имаат барањата на работниците за зголемување на минималната плата на 600 евра, нагласувајќи дека тоа треба да биде јасна политичка одлука.
Во емисијата „Топ Тема“, во која вечерва учествуваа и пратениците Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ и Сали Мурати од Коалицијата Европски фронт, се отвори дебата околу можноста за намалување на коефициентите за пратеничките и функционерските плати, наспроти најавите за нивно зголемување во март.
Костадиновска-Стојчевска потсети на неодамнешна изјава на министерот Дурмиши, според која постои можност повторно да се менуваат коефициентите за платите, како што се случи и минатата година.
„Сметам дека пред сè треба да се исполнат барањата на работниците. Минималната плата од 600 евра е неопходна, имајќи предвид дека инфлацијата и трошоците за живот континуирано растат, и тоа мора да биде политичка одлука“, изјави таа.
Таа додаде дека СДСМ веќе поднела законско решение во Собранието за зголемување на минималната плата, а најави и поднесување закон за замрзнување на платите на функционерите.