Костадиновска-Стојчевска од Гостивар: Вложени над 10 милиони денари во Центарот за култура „АСНОМ“

од Nikola Popovski
172 прегледи

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, при денешната работна посета на Гостивар, ја посети НУ Центар за култура „АСНОМ“, каде што со дирекцијата и со вработените беа споделени актуелни прашања во делот на инвестициите и работата на институцијата.

„Вложуваме во инфраструктурата на објектите од културата. За одржување токму на овој Центар за култура, од 2018 година до 2022 година Министерството за култура инвестираше над 10 милиони денари, со што се подобрија условите за работа на двете институции кои функционираат во објектот“, рече министерката за култура Костадиновска-Стојчевска.

Таа додаде дека оваа сума е наменета за изведување термоизолациска фасада, а во изминатиот период се вложени средства и за подобрување на архивските простории во Центарот за култура, како и за подобрување на условите во коишто работи НУ Театар во Гостивар.

ЦК „АСНОМ“ од Гостивар е водечка институција во областа на културата на градот, затоа министерката за култура истакна: „Продолжуваме преку програмата на Министерството за култура да вложуваме во комплетна санација на покривната конструкција, откако е саниран делот кој беше оштетен“.

Министерката Костадиновска-Стојчевска при посетата на Центарот за култура изјави дека Министерството за култура поддржува многубројни проекти од областа на културата, главно преку Годишната програма, и со тоа го стимулира творештвото во сите дејности од културата.

Одговорајќи на новинарски прашања, министерката за култура рече дека е во напредна фаза решавањето на прашањето за греење во објектот, средства кои се предвидуваат во програмата за следната, 2024 година. Како позитивен пример на функционирање на две институции во еден објект, таа го истакна Центарот „АСНОМ“, место каде што на најдобар начин ефикасно се користи просторот, кадарот, а размената на искуства носи повисок квалитет за културата во градот и во регионот.

Слични содржини