Костадиновска-Стојчевска од Советот на Европа со поддршка за спас на украинската култура и украинското културно наследство

од Берта Китинска
262 прегледи

Можевме ли да замислиме дека во Европа повторно ќе има војна?! Можевме ли да замислиме дека Стариот Континент, лулката на културното наследство, повторно ќе преживува катастрофално уништување и на нејзините историски сведоштва? А, навистина, замислувавме и верувавме дека токму културата и уметноста треба да се подготват за својата најдобра улога во закрепнувањето на постпандемичниот свет. Театрите, кои требаше да бидат терапија за нашите души, сега се засолништа – потенцираше министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, на Конференцијата на министрите за култура „Создавање на нашата иднина: креативноста и културното наследство како стратешки ресурси за разновидна и демократска Европа“ што денеска се одржа во Советот на Европа, во Стразбур, Република Франција.

Говорејќи на панел-дискусијата „Подготвени за создавање на иднината – култура, креативност, наследство и дигитализација“, Костадиновска-Стојчевска изрази благодарност до Италија, која е актуелен претседавач на Комитетот на министри на Советот на Европа, и ја нагласи нашата поддршка на иницијативата за координирана акција за помош, за спас на украинската култура и на украинското културно наследство.

Северна Македонија нема долгогодишно искуство со дигитализацијата, но, како што потенцираше Костадиновска-Стојчевска, интензивно работиме на неа и на ползувањето на придобивките од паметната технологија во евидентирањето, зачувувањето и презентирањето на нашето културно материјално и нематеријално наследство.

– Ако пандемијата од КОВИД-19 нè принуди да побараме поддршка и помош во виртуелниот свет, во новите технологии, агресијата врз Украина му даде уште поголемо значење на процесот на дигитализација. Изразувам искрена и длабока почит кон сите културни работници и експерти кои деноноќно ги засолнуваат уметноста и културниот идентитет на овој значаен дел од словенската, но и од светската култура – рече Костадиновска-Стојчевска.

Таа истакна дека нападот врз Украина е напад врз европските вредности, напад врз основното човеково право да живее во слобода и во демократија и да ја создава и да ја зачува својата култура.

– Европа се исправи, се мобилизира за да помогне во одбраната на тие вредности. Зашто културните богатства на нашите земји се и европски културен идентитет на кој нашата разноликост само му додава боја. Советот на Европа е вистинската и најстара адреса за заштита на таа колоритност и за одбрана на човековите права и достоинство – потенцираше Костадиновска-Стојчевска.

Конференцијата ја отворија италијанскиот министер за култура, Дарио Франческини, и генералниот секретар на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ-Буриќ. Прв се обрати министерот за култура на Украина, Олександар Ткаченко, кој говореше за уништувањето на културното наследство од војната во неговата земја. Говорот го поткрепи со видеозапис од уништените културни добра.

На денешната Конференција, министрите за култура и другите високи претставници ја усвоија и Стразбуршката декларација.

Организатори на Конференцијата беа Управниот комитет за култура, наследство и пејзаж и Министерството за култура на Италија.

Слични содржини