Костадиновска-Стојчевска: Универзитетот „Св. Климент Охридски“ воведува нови програми за младите да останат да работат во Битола

од Vladimir Zorba
120 прегледи

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска се обрати на Отворениот ден на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ во Битола, кој се одржа по повод 44-годишнината од формирањето на оваа високообразовна установа.

– Чест ми е што денеска стојам пред вас и како професорка по англиски јазик на УКЛО и како министерка за култура. Задоволство ми е да ви пожелам добредојде на Отворениот ден на Универзитетот, кој ветува дека ќе биде настан за паметење под мотото „Нови перспективи“. Овој настан е одличен пример за партиципативен пристап и активно партнерство кое обезбедува средина за поддржување на младите и студентите да останат во Битола и да ги направат своите вештини достапни за локалната заедница – рече Костадиновска-Стојчевска, која е и професорка на овој реномиран Универзитет.

Костадиновска-Стојчевска ја нагласи посветеноста за квалитетно образование и квалитетен начин на живот за идните и за сегашните студенти и, како што рече, Универзитетот има специфична, хетерогена образовна понуда која опфаќа различни научни дисциплини и образова профили компатибилни со барањата на тековниот пазар на труд.

Таа информираше за програмата со која Универзитетот се поврзува со бизнис-заедницата преку промоција на отворени работни позиции за невработени лица.

– Оваа програма придонесува за мотивирање на младите да останат во Битола и да студираат на УКЛО, да се образоваат, да започнат сопствен бизнис и/или да се вклучат во образовни програми и да работат на сопствениот растеж и развој на кариерата – додаде Костадиновска-Стојчевска.

На настанот беа потпишани и меморандуми за соработка со компанија која стипендира студенти на УКЛО и со неколку организации со кои се продлабочува соработката.

Под мотото „Нови перспективи“, во рамките на Отворениот ден се одржаа и музички настапи на повеќе бендови и диџеи, а Универзитетското радио УКЛО ФМ емитуваше своја програма.

Слични содржини