Костадиновска Стојчевска: ВМРО-ДПМНЕ шири лаги и манипулации, моите службени трошоци се легитимни

од Илинка Илиоска
88 прегледи

Пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска Стојчевска, денеска на прес-конференција ги демантираше обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ за нејзиното трошење за време на службени патувања. Таа ги нарече обвинувањата „лаги и манипулации“ и повика на транспарентност.

„ВМРО-ДПМНЕ има капацитет само за лаги и замајување. Денес стојам пред вас за да одговорам на серијалот лаги кој го најавија за мене,“ изјави Костадиновска Стојчевска.

Пратеничката појасни дека дел од трошоците, кои се објавени од ВМРО-ДПМНЕ, се однесуваат на потребата да обезбеди основни услови за нормално функционирање за време на службено патување, откако авиокомпанијата ѝ го изгубила багажот. „Да, купив нови куфери и основни средства од сопствена сметка за да можам да учествувам на состаноците во Лондон,“ рече таа, додавајќи дека останатите обвинувања се целосна невистина.

Костадиновска Стојчевска го повика пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Лефков, на јавно соочување за да ги прегледаат сите трошоци заедно. „Ако има криминал во моето работење, нека ми го симнат имунитетот и ќе се појавам пред кој сакаат судија. Ако се утврди неправилност, парите веднаш ќе бидат рефундирани,“ истакна таа.

Пратеничката нагласи дека сите нејзини лични трошоци се реализирани од нејзината приватна сметка, додека трошоците за службеното патување биле реализирани согласно актуелните правилници и норми.

Костадиновска Стојчевска истакна дека нема да падне на нивото на ВМРО-ДПМНЕ и дека ќе продолжи да одговара со вистината.

Слични содржини