Костадиновски: Потребен е Закон за Уставниот суд за поголема транспарентност

од Љубиша Владимиров
77 прегледи

Зголемување на транспарентноста, јасни критериуми за избор на судии и унапредување на довербата во институциите, ова се клучните причини поради кои претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, смета дека е неопходно конечно да се донесе Закон за Уставниот суд.

Во интервју за емисијата „Трилинг“, Костадиновски истакна дека без промена на Уставот или донесување уставен закон со двотретинско мнозинство, ваквиот закон не може да се реализира. Тој потенцира дека со јасна законска рамка ќе се дефинира поимот „истакнат правник“, ќе се уреди начинот на избор на уставни судии, а седниците на Судот ќе станат достапни за јавноста преку пренос во живо.

„Граѓаните треба да знаат кои се нивните уставни судии. Само преку транспарентност можеме да ја зајакнеме довербата“, нагласи Костадиновски.

Најави дека на 19 јуни ќе се одржи подготвителната седница за Законот за употреба на јазиците, по која ќе следува изработка на нов реферат во рок од два месеца. Очекува конечната одлука да се донесе по изборите. Тој предупреди дека расправата околу Законот за јазици добива непотребна етничка и политичка димензија.

„Ние немаме проблем со меѓуетнички односи, туку со нивна злоупотреба во политички цели. Ниту едно уставно право нема да биде повредено од нашите одлуки“, истакна претседателот на Уставниот суд.

Осврнувајќи се на Законот за електронски комуникации, Костадиновски предупреди дека неговото недонесување може да предизвика сериозни безбедносни ризици.

„Ова е прашање од национална безбедност. Метаподатоците се клучни за работата на безбедносните служби“, рече тој, додавајќи дека е во контакт со претседателот на Собранието Африм Гаши и очекува информација за фазата во која се наоѓа законот. Костадиновски исто така најави дека конечната одлука за Изборниот законик ќе се донесе на седницата закажана за 14 мај, а за хашките случаи истакна дека предметот сè уште не е кај него и оти постојат отворени прашања во однос на пристапот до класифицирани информации. Во врска со неговото поранешно политичко ангажирање, тој изјави:

„Политичка е одлуката да ве номинираат, но јас никогаш не сум бил член на партија. Работам стручно и професионално“.

Слични содржини