Kако партија која ги донесе законските измени со кои фемицидот за првпат е препознаен како посебно кривично дело, СДСМ остро реагира на фактот дека и покрај јасните законски одредби, власта не успеа да ја исполни својата најважна задача, да заштити човечки живот, изјави денеска потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова за случајот со фемицид во Велес.
Според неа, законот не е украс на хартија туку правна и институционална обврска.
-Ако институциите на власта дозволија жена да биде убиена, иако со месеци пријавувала, тоа значи кривична и политичка одговорност. СДСМ бара оставка од Панче Тошковски и кривична одговорност за секој службеник кој со своето непостапување придонел за да се случи ова злосторство, кажа Костова и побара итна и независна истрага за институционалните пропусти.
Потпретседателката на СДСМ вели дека не смее да има полициски службеници или кој било друг вклучен во системот на заштита кој ќе се скрие зад бирократски оправдувања.
-Секој кој не постапил, а имал должност и обврска, мора да сноси последици согласно законот. Целосна и доследна примена на Националната стратегија за превенција, со обврзувачки протоколи и механизми на одговорност мора да има. Зголемување на случаите со фемицид во изминатите 15 месеци е особено загрижувачки, констатира Костова.