Потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова, изрази сериозна загриженост за одговорноста на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, по најголемата трагедија во државата од нејзиното осамостојување. Во гостувањето на емисијата „Дејли клик“ на ТВ 21, Костова нагласи дека, иако кривичната одговорност треба да се утврдува, моралната одговорност на Тошковски е неоспорна и тој мора да поднесе оставка.
„Место оставка, го имате министерот за внатрешни работи Тошковски, кој е на позиција преку која може да влијае на тоа како ќе тече истрагата. Неговата оставка од морални причини е единствен правилен чин по ваква трагедија,“ изјави Костова.
Таа истакна дека постои недостаток на одговори во текот на истрагата, особено за директната одговорност на лица од МВР кои биле присутни во моментите на трагедијата, но не се вклучени во истрагата. Костова побарала објаснување за тоа зошто командирите, инспекторите и раководството на МВР, како и на Бирото за јавна безбедност, не се дел од истрагата, иако во тој момент имале одговорност.
„Не е јасно како може да не се истражуваат лица кои самата вечер биле одговорни. Како може сите вработени во МВР кои се моментално во притвор да не биле на функции на денот на пожарот?“ запраша Костова.
Таа нагласи дека МВР е директно одговорна за контролата на употребата на пиротехнички средства во затворен простор, што е клучно прашање за трагедијата. Според Костова, евидентно е дека МВР и СВР Штип не спровеле соодветни безбедносни мерки и планови за процена на ризик, иако имале оперативни сознанија за можниот настан.
„Не се превземени никакви активности за прекин на настанот, ниту пак е подготвен безбедносен план кој би ја спречил трагедијата,“ заклучи Костова.