Потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова, преку објава на социјалните мрежи остро реагираше на одлуката за именување на Петар Богојески за директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.
Костова ја оцени одлуката како „скандалозна и неприфатлива“, посочувајќи дека Богојески има, како што вели, „документирана историја на навредливо и дискриминаторско однесување и говор на омраза на јавни платформи“.
„Неговите коментари се деградирачки, сексистички, дискриминаторски, албанофобни и расистички. Тоа е целосно спротивно на вредностите на почит, еднаквост и инклузивност, кои се основа на европските образовни програми што ги претставува Агенцијата на чиј чело е поставен“, вели Костова.
Таа оцени дека ваквиот избор испраќа „загрижувачка, но јасна порака“ за приоритетите на Владата, предводена од Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.
„Со поставување личност со богата историја на дискриминација, говор на омраза и поделби, Владата го поткопува значењето на институцијата и го загрозува секој обид за подобрување на состојбите во образованието“, пишува таа.
Костова најави дека СДСМ ќе го информира и Генералниот директорат за образование и култура при Европската комисија за, како што вели, „контроверзната одлука“.
„На чело на Агенција посветена на европски вредности не смее да стои партиски подобен галамџија со анти-европски ставови, туку човек кој ги отелотворува принципите на почит, инклузивност и напредок“, завршува Костова.