Личниот и професионален интегритет и достоинство се бесценети, но, за жал, сѐ поретки во нашето опкружување. Ќе нѐ биде кога себичноста и егото нема да ја совладаат колективната благосостојба и напредок, порача потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова, по повод приклучувањето на архитектот и „несуден“ кандидат на СДСМ за Град Скопје, Мишко Ралев кон тимот на кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски.
Според неа, „каприциозните мегаломански очекувања на индивидуата не смеат да ги прегазат професионалните и човечки принципи кои се суштински за одржување здраво општествено ткиво“.
-Добро е што однапред се потврдува исправноста на нашите одлуки. Ставовите и позициите се кристализирани. Редно е чесните, искрени и добри намери да се обединат во рационално дејствување против оние кои недвосмислено ни го разнебитуваат општеството, додаде Костова во реакцијата на социјалните мрежи.
Денеска беше објавено дека Ралев е новото засилување во тимот на кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ најави дека академската заедница ќе игра значајна улога во визијата за напредно и современо Скопје.
„Несудениот“ кандидат на СДСМ за Скопје се приклучува во тимот на Ѓорѓиевски