Според податоците објавени во Бизнис мрежа, фирмата „ММММ Кафе“, сопственик на дискотеката „Пулс“, работела со блокирана сметка дури 217 дена. Евидентирана блокада, која сѐ уште не е тргната, била заведена на 16 август 2024 година. Дали Управата за јавни приходи требала да го затвори клубот уште во септември 2024 година, праша денеска на прес-конференција, организацискиот секретар на СДСМ, Мартин Костовски за истрагата за трагедијата во Кочани.
Според член 117 од Законот за стечај, ако фирма има блокирана сметка повеќе од 45 дена и не исплаќа плати и придонеси подолг период, УЈП има законска обврска да поднесе барање за отворање стечајна постапка и да предложи мерки за обезбедување на имотот.
-Ако блокадата била заведена на 16 август 2024 година, тоа значи дека веќе до крајот на септември Управата требала да постапи, а клубот „Пулс“ требал да биде затворен. Но, клубот продолжил да работи. И 59 животи беа загубени, истакна Костовски.
СДСМ бара одговори кој во УЈП бил надлежен да го поднесе барањето за стечај, зошто тоа не било направено и дали некој ја стопирал постапката.
Претходно се огласија и од ДУИ. Велат дека гледаат со неверување на фактот дека нема вина кај актуелните директори на ДПИ, УЈП и Јавна безбедност и министрите за економија и внатрешни работи за пожарот во кочанската дискотека. Според опозициската партија, дури и студент на прва година од Правен факултет знае дека не постои причински последична врска низ годините, кога сите дозволи и лиценци се обновуваат секоја година. Од ДУИ велат дека „ова не е правда туку трансакција“.