Бизнисменот и главен акционер во пропадната „Еуростандард банка“ Трифун Костовски денеска побара оставка од членовите на Антикорупциска комисија, поради непокренување предмет за стечајот на банката
-Денеска изминуваат точно седум месеци од носењето во стечај на Еуростандард банка. Не можам да разберам да со таква леснотија ги маргинализирате моите повици дека се работи за организиран криминал со носењето на Еуростандард банка во стечај, каде се оштетени многу правни и физички лица, вклучително и ние акционерите. Вие како тело задолжено да се занимавате со вакви проблеми, па дури и како повод може да биде допрен глас, до денес не отворивте ниту предмет, ниту покажавте интерес за решавање или следење на овој мега скандал кој порано или покасно ќе пукне, наведува Костовски.
Додава дека местото на Антикорупциска е точно на браникот да ја преземе истрагата и да застане во одбрана на сите оштетени од овој стечај.
Според него, молкот од страна на Антикорупциска го сфаќа како аминување на организираниот криминал.
-Не заборавајте, вие сте платени со наши пари и должни сте да го браните нашиот интерес. Сервилноста на политичките структури не е во ваш интерес, а уште помалку во интерес на граѓаните. Ако не умеете да се справите со овој предизвик, тогаш јас барам оставка од сите членови на Антикорупциската Комисија, порачува Костовски
Во дописот до медиумите наведува дека чувството дека Народна банка е недопирлива е страшно.
– Гоните организиран криминал и корупција, а ги заобиколувате институциите кои во основа се центар на ова општествено зло, вели Костовски.