Костовски: Дали градоначалникот Митески чека трагедија за да го затвори „Зимзоленд“?!

-Лунапаркот „Зимзоленд“ и понатаму работи и покрај утврдените неправилности и отворениот предмет во Јавното обвинителство за можна општа опасност, истакна советникот на Левица од Општина Аеродром

од Nikola Popovski
10 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Советникот од Левица во Советот на Општина Аеродром, Горан Костовски, алармираше дека лунапаркот „Зимзоленд“ и понатаму работи и покрај утврдените неправилности и отворениот предмет во Јавното обвинителство за можна општа опасност.

-И покрај утврдените неправилности и отворен предмет во Јавното обвинителство, „Зимзоленд“ во Општина Аеродром сè уште работи. Наместо итна реакција, градоначалникот Митески се крие зад процедури, додека безбедноста на граѓаните, особено на децата, е ставена во втор план, порача Костовски.

Тој потсети дека законот е јасен и налага веднаш затворање на објект кога постои опасност по безбедноста, но оцени дека во овој случај законските одредби не се применуваат. Костовски нагласи дека и покрај констатираните пропусти од повеќе инспекциски служби, предупредувањата од Град Скопје и јавните реакции, досега нема преземено ниту една конкретна мерка за затворање на лунапаркот или отстранување на опасните реквизити.

Советниците од Левица, како што рече, јавно побарале општината да постапи, но наместо конкретни чекори добиле само уверувања дека „процедурата е во тек“.

„Законот е јасен: кога постои опасност, објектот мора веднаш да се затвори. И покрај инспекциските наоди и јавните предупредувања, конкретни мерки од општината не се преземаат. Ќе реагираат ли институциите навреме или повторно ќе чекаат трагедија“, праша Костовски.

Од Јавното обвинителство велат дека веднаш ќе издадат наредба до Министерството за внатрешни работи (МВР), конкретно до Единицата за економски криминал, да направи увид на местото и да ја обезбеди целокупната документација за функционирањето на лунапаркот.

„Бидејќи јавно објавените информации укажуваат дека надлежните инспекциски органи не постапуваат согласно законските надлежности за отстранување на реквизитите, Основното јавно обвинителство Скопје оформи предмет по допрен глас и веднаш ќе издаде наредба до МВР – Единица за економски криминал да излезе на терен, да направи увид на самото место и да ја обезбеди целокупната документација за функционирањето на лунапаркот, а со цел да се испитаат евентуални елементи на кривично дело предизвикување општа опасност“, рекоа пред два дена од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

Од Град Скопје и од Општина Аеродром, на чија територија е новогодишниот лунапарк, ја потврдија својата надлежност наведувајќи дека постапуваат во рамките на своите законски надлежности.

Сепак, од Градот Скопје велат иако неговите инспекциски служби утврдиле дека „Зимзоленд“ нема дозвола, за отстранување на лунапаркот е надлежна Општината Аеродром. Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, изјави дека трипати имале испратено инспекција на терен и оти и укажале на Општина Аеродром дека треба да постапи нивната градежна инспекција.