Советот на ЕУ донесе одлука Северна Македонија да го потпише Договорот за гранично управување попознат како Фронтекс. Сето ова е благодарение на заклучоците усвоени овде во Собранието од страна на пратениците од мнозинството предводено од СДСМ. Одлука во која не учествуваа ВМРО и Левица, вака пратеникот од СДСМ, Мартин Костовски ја оценува вчерашната одлука во Брисел.
Според него, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ по налог на Христијан Мицкоски тогаш побегнаа, со денови овде во Собранието лажеа и клеветеа, се закануваа и на крајот не гласаа по однос на заклучоците.
-Како пратеничка група горди сме што дадовме придонес во евроинтегративниот процес и што ги усвоивме заклучоците. Одлуката на Советот на ЕУ е потврда дека тие заклучоци се почитуваат и се гарант за македонскиот јазик и идентитет, рече Костовски на прес-конференција.
Србија, Албанија и Црна Гора имаа договори со Фронтекс од регионот, а Северна Македонија беше соочена со бугарското вето речиси три и пол години поради македонскиот јазик.
Бугарија не го признава македонскиот јазик како посебен и го блокираше овој договор меѓу Унијата и Северна Македонија од јуни 2019 година.
Официјална Софија претходно побара сите договори меѓу ЕУ и Северна Македонија да се потпишат со формулата „македонски јазик според Уставот на Северна Македонија“, со што ние не се согласувавме, па не можеше да склучи договорот со Фронтекс.