Бизнисменот Трифун Костовски денеска информира дека за повеќе од месец дена ќе jа објави вистината за стечајот на Еуростандард банка.
-Со гордо срце и чиста мисла денеска официјално најавувам дека на ден 22 Август 2022 година во Скопје ќе биде обзнаен извештајот од мојата приватна истрага поврзана со стечајот на Еуростандард банка, која се работеше во изминатите 15 месеци. Овој извештај е направен од тимот на експерти за банкарски криминал под водство на господинот Драго Кос. На неговата презентација пред македонската јавност ќе присуствуваат и еминентни стручњаци во банкарскиот систем од земји членки на Европската Унија. Следете ме во борбата против организираниот криминал! Да ја откриеме вистината што пробаа да ја скријат!, откри Костовски.
По затворањето на „Еуростандард банка“, Народната банка поднесе и кривични пријави. Пријавите се поднесени за предизвикување стечај на банка до Јавното обвинителство против поранешни одговорни лица на Еуростандард банка. Истовремено, до Јавното обвинителство, Народната банка предложила и преземање мерки кои што се во насока на натамошна заштита на интересите на доверителите. Од надлежните институции нема подетални информации против колку поранешни одговорни лица од Еуростандард банка е поднесена кривичната пријава за предизвикување стечај.
Гувернерката на Народната банка пред две години информира дека „Еуростандард“ ја изгубила дозволата, бидејќи не ги исполнувала минималните услови за работа. Давала кредити кои не можела потоа да ги наплати. Банката била под засилен надзор на централната банка и имала поголеми ограничувања за кредитирање, но и покрај преземените мерки, ризиците останале, па таа завршила со адекватност на капиталот од само 2%.