Костовски: Левица е принципиелна партија, не прифаќаме коалиции во Аеродром со партии кои имаат докажана историја на злоупотреби, криминал и корупција

Жителите на Аеродром се сведоци дека Муцунски не само што не ги исполни ветувањата, туку и придонесе дополнително да се уништи општината. Наместо планирање, добивме урбано дивеење, Наместо зелени површини, добивме шверцување на нови ДУП-ови за габаритни згради на секој слободен простор, вели Советникот во Општина Аеродром за „Локално“

од Љубиша Владимиров
381 прегледи

Јас лично не се гледам како кандидат, туку како дел од тим кој ќе ја добие довербата на жителите и одговорноста да предложи решенија и програма што ќе се реализира до крај, за разлика од претходниците кои многу ветуваа, но ништо не исполнија – изјави за „Локално“ советникот од редовите на Левица во Советот на општина Аеродром, Горан Костовски.

Советникот на Левица нагласи дека партијата активно работи на подготовките за претстојните локални избори, истакнувајќи дека нивната работа на терен е континуирана и секојдневна. Тој додаде дека партијата планира да предложи конкретни решенија и програма која ќе биде реализирана, за разлика од претходниците кои многу ветуваа, но не исполнија. Костовски нагласи дека Левица ќе продолжи да се бори за правата на жителите и нивните интереси, во контекст на предизвиците со кои се соочуваат. Тој подвлече дека лично не се гледа како кандидат, туку како дел од тим кој има задача да ја добие довербата на жителите и да понуди програма што ќе биде реализирана до крај.

„Левица сериозно се подготвува за претстојните локални избори. Нашата работа на терен е континуирана – не ја започнуваме три месеци пред избори, туку таа е секојдневна и постојана. Ние сме со жителите во нивните секојдневни проблеми – урбаниот хаос, загадувањето, недостигот од транспарентност и игнорантскиот однос на општината кон проблемите на граѓаните. Разговараме внатрепартиски за потенцијални кандидати, а конечната одлука ќе ја донесат органите на партијата врз основа на политичкиот капацитет, локалната посветеност и поддршката од заедницата. Јас лично не се гледам како кандидат, туку како дел од тим кој ќе ја добие довербата на жителите и одговорноста да предложи решенија и програма што ќе се реализира до крај, за разлика од претходниците кои многу ветуваа, но ништо не исполнија. Не се водиме од лични амбиции, туку од потребите на жителите на Аеродром. Шпекулациите во некои, условно кажано, провладини медиуми се целосно неточни и се лажна вест од дотичниот портал/радио, во обид да ме дискредитираат лично мене, поради нивни лични фрустрации кои се граничат со опседнатост кон мене како активист на партијата Левица и кон самата партија“, изјави Костовски.

Костовски потенцира дека партијата не прави разлика помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, бидејќи и двете партии во последните децении покажале дека се носители на истата политика. Тој додаде дека општина Аеродром продолжува да тоне поради корупцијата на локалната власт и спрегите со приватниот бизнис. Костовски истакна дека двете главни политички партии се смениле неколку пати на власт, но резултатите, според него, останале исти. Тој повика на свест и активност од страна на граѓаните, за да се создаде вистинска промена во општината и да се врати фокусот на потребите на жителите.

„Искрено, не правиме разлика помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, бидејќи и двете партии последните децении се покажаа како носители на истата политика – политика на бетонирање, партизација на институциите, клиентелизам и игнорирање на волјата на жителите во Аеродром, а и во целата држава. Општина Аеродром со секоја година сè повеќе тоне поради корупцијата на локалната власт и спрегите со приватниот бизнис. Преку таа спрега, огромен дел од буџетот на општината се троши преку сомнителни тендери, без никаков ефект и без добробит за жителите. Во Аеродром, двете партии се сменија неколку пати на власт, но резултатот е ист: уништување на јавниот простор, несредена инфраструктура и ниту еден суштински проект кој ќе донесе подобар квалитет на живот. Конкуренција ни се само политичко-бизнис структурите што ја држат општината во заложништво, а нашата борба е со тој систем – не со поединечни кандидати за градоначалници или советници, кои се само обични слуги на тој систем за личен бенефит, а не за јавно добро“, смета Костовски.

 

Советникот од редовите на Левица нагласи дека жителите на Аеродром се сведоци на неисполнетите ветувања и дополнителното уништување на општината. Тој истакна дека ниту еден капитален проект од програмата на Муцунски не е реализиран, а градоначалничката функција за него била само „отскочна даска“. Според него, актуелниот в.д. градоначалник ја извршува функцијата формално, без јасна визија и без вистинска комуникација со жителите. Костовски потсети дека Митески, за време на мандатот на Тимчо Муцунски, бил претседател на Советот на општината и негова „десна рака“. Тој порача дека Аеродром има потреба од суштинска промена и раководство кое навистина ќе работи во интерес на граѓаните, а не во служба на партиските центри на моќ.

„Жителите на Аеродром се сведоци дека Муцунски не само што не ги исполни ветувањата, туку и придонесе дополнително да се уништи општината. Наместо планирање, добивме урбано дивеење. Наместо зелени површини, добивме шверцување на нови ДУП-ови за габаритни згради на секој слободен простор. Исто така, ниту еден капитален проект од неговата програма не е реализиран, а за него градоначалничката функција беше гледана само како отскочна даска во неговата бледа политичка кариера, која ја напушти веднаш кога доби шанса да стане министер – иако тоа го негираше во одговорите на нашите советнички прашања во првата година од мандатот, што на крајот испадна дека уште тогаш тој лажеше и манипулираше со јавноста. В.д. градоначалникот Митески не ја презеде функцијата со желба да внесе нова енергија или решенија, туку како продолжена рака на партијата која ја доведе општината во оваа состојба. Функцијата ја извршува формално, без јасна визија и без комуникација со жителите. Истиот, за време на мандатот на Муцунски, беше претседател на Советот и негова десна рака, покривајќи го неговото лошо работење како негов дрвен адвокат во дискусиите во Советот на општината“, смета Костовски.

Костовски смета дека клучот за промени е во рацете на граѓаните. Тој потенцира дека довербата треба да биде дадена на политичка опција која е надвор од сите коруптивни синџири и која доследно се спротивставува на злоупотребата на јавните ресурси. Според него, Левица останува посветена на транспарентно управување и заштита на јавниот интерес, за разлика од досегашните власти кои, како што вели, го ставиле развојот на општината во служба на приватни и партиски интереси. Костовски нагласи дека Левица работи на програма и дека таа се заснова на реални теренски активности, анализи и директна комуникација со жителите на Аеродром. Тој додаде дека програмата, иако веќе во нацрт е готова, засега нема да се открива во целост.

„Ќе пресуди одлучноста на жителите да стават крај на истата политика која го претвори Аеродром во симбол на градежен криминал. Ќе пресуди довербата во политичка опција што не е дел од ниту еден коруптивен синџир и што доследно се спротивставува на злоупотребата на јавните ресурси. Левица веќе работи на детална, реална и издржана програма. Таа ќе биде резултат на теренски активности, анализи и директна комуникација со жителите. Главниот фокус ќе биде враќање на јавниот интерес во центарот на локалното управување: урбано стопирање на беспланската градба, екологија, транспарентност и достапна инфраструктура за сите жители. Сепак, не можам повеќе да откријам околу програмата, која во својот нацрт е веќе комплетно готова. Само можам да кажам дека ќе има многу пријатни изненадувања за жителите на Аеродром, а непријатни за политичките противници и нивната спрега со бизнисот“, дециден е Костовски.

На прашањето дали постои можност за било каква коалиција со опозицијата, Костовски е дециден дека Левица е принципиелна партија која не коалицира со политички субјекти кои, според него, ја уништиле државата. Тој потенцираше дека, во интерес на граѓаните, Левица е отворена за соработка со независни поединци, здруженија и граѓански иницијативи.

„Левица е принципиелна партија која не коалицира со оние што ја уништија државата. Нашата опозициска улога не е декларативна, туку суштинска. Не прифаќаме коалиции со партии кои имаат докажана историја на злоупотреби, криминал и корупција. Секако, во интерес на жителите на Аеродром, подготвени сме за јавна и програмска соработка со независни поединци, здруженија и граѓански иницијативи, но секогаш со јасна црвена линија: нема компромис со криминал и корупција, и без политички калкулации“, завршува Костовски.

Д.Ѓ

Слични содржини