Организацискиот секретар на СДСМ, Мартин Костовски денеска порача дека лидерот на ЗНАМ и градоначалник, Максим Димитриевски се става како „истурен играч“ на премиерот Христијан Мицкоски со цел да добие поддршка за нов мандат во општина Куманово. Според него, реформата во СДСМ е на завидно ниво. Потврдува дека голем број на симпатизери и членови на ЗНАМ се враќаат во СДСМ. За такви случаи вели дека ги има во Куманово, односно три семејства се вратиле во партијата од „Бихаќка“ од редовите на движењето ЗНАМ.
-Тоа е тренд кој што ќе продолжи низ Македонија. Имаме разговори со многу разочарани луѓе кои сами пристапуваат…Димитриевски во последните години максимално го злоупотреби и го стави во фаза на манипулација тоа членство на СДСМ кое му даде поддршка во 2021 и 2024 година, рече Костовски во емисијата „Дејли клик“ и порача дека „функционерите кои се блиски до Димитриевски, кои го поддржуваат во криминалите и кои самите се огрешиле пред законот – за нив е затворена вратата на СДСМ“.
Koстовски додаде дека не отвораат „фронт со политички конкуренти туку се на страна на вистината“.
-Грешките во минатото се научени во делот на коалицирањето со непринципиелни коалиции и ставање на СДСМ во улога на непрепознатлив водач во самата коалиција. Бројките во политиката се немилосрдни, кажа поранешниот пратеник.