Организацискиот секретар на СДСМ, Мартин Костовски се огласи во јавноста откако беше соопштено дека неговата партија ќе го кандидира за нов градоначалник на Куманово на следните локални избори. Костовски му се заблагодари на раководството на партијата и претседателот Венко Филипче.
-Ме радува што огромен број граѓани ми ја дадоа поддршката овие денови, што е јасен сигнал дека Куманово бара промени. Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење. Работите веќе четири години одат во погрешна насока и тоа знам дека сите вие го чувствувате и гледате. Максим Димитриевски не заслужува реизбор – ги изневери сите ветувања дадени пред граѓаните. Куманово се дави во смет и пропадната инфраструктура, се случува урбанистички хаос кој го креира Димитриевски заради сопствените бизнис интереси. Куманово во 2025 сè уште кубури со вода, а паркинг место нема ни за лек, објави Костовски.
Екс-пратеникот потенцира дека неговиот поранешен сопартиец, а сега лидер на ЗНАН ги изневери сите кои гласаа за него.
-Наместо коректор на власта, стана пион на Мицкоски и тројански коњ кој треба да ја дели опозицијата и СДСМ. Човек кој ги погази сите наводни принципи и молчи пред криминалот на неговите коалициски партнери. Човек кој ведне глава пред патронот Мицкоски. Единствено нешто што Максим добро го прави тоа неговиот бизнис со оние за кои до вчера велеше дека се криминалци. Куманово може подобро, истакна меѓу другото Костовски.