Костовски: Пратениците се луѓе од крв и месо, нè погодува секоја навреда или лага

од Nikola Popovski
363 прегледи

Ние сме луѓе од крв и месо, семејни луѓе. Нè погодува секоја навреда, невистина или лага и единствено кога немаше реакција од негова страна да се извини…Моето семејство и опкружување нè доведе до ситуација на вознемиреност во ситуација да бидеме повредени од сите гнасотии што ги кажа, рече пратеникот од СДСМ, Мартин Костовски после добиениот судски случај и тужбата против неговиот колега од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.

Одговарајќи на новинарски прашања, Костовски информира дека отишол кај адвокат и побарал да се покрене постапка, врз основа на искажани клевета и навреда од собраниската говорница. Посочува дека најпрвин побарал извинување од пратеникот, кое не го добил.

-Пратеникот има пратенички имунитет, но ако се докаже дека имало некаква намера да се омаловажи и повреди својот колега, ќе си сноси одговорност. Ирелеватен е материјалниот износ кој се побара во судското барање, напротив сакам пред јавноста моето име и презиме, битие и улога на пратеник да останат чисти. Таа пресуда е донесена. Има простор за Апелација и ќе видиме што ќе се случи, кажа Костовски на брифинг со медиумите во Собранието.

Истакнува дека пратениците мора да бидат луѓе и да не се повредуваат меѓусебно. Исто така дециден е дека мора да го дадат најдоброто за граѓаните.

-Не добив реакција да се извини и бев принуден во одбрана на честа и угледот на моето име и презиме, да постапам на ваков начин, додаде Костовски.

Слични содржини