Котевски по демонстрациите за “убиството на Мартин Нешковски”: Полицијата беше предмет на досега невиден брутален напад

од desk3
98 прегледи

Повеќе од десетина полицајци, како и демонстранти се повредени откако вечерва ескалира протестот пред Владата. Демолирани се и полициски автомобили и запалени се контејнери во тек на протестот што уследи по објавувањето на материјалите од страна на СДСМ за убиството на Мартин Нешкоски во јуни 2011 година.

20150505_215426

Портпаролот на МВР Иво Котевски информира дека на Ургентен центар, според досегашните информации, се примени осум повредени полицајци и тројца цивили, во хируршката болница „Свети Климент Охридски“ четворица полицајци, а во Градска општа болница „8-ми септември“ еден полицаец и еден цивил.

Приведени се демонстранти, а според Котевски повеќе информации МВР ќе соопшти утре.

– Полицијата вечерва беше предмет на досега невиден брутален напад. Полицаецот со посериозни повреди бил нападнат со шипки и бекатон плочки. Демолирани се неколку полициски автомобили, како и државен имот кај Владата, изјави за МИА Котевски.

По неколкучасовниот протест, што почна во 18 часот, полицијата ја растера толпата граѓани кон околните улици кај Владата, а пристапот кон владината зграда е блокиран.

Во тек на протестот демонстрантите бараа одговорност и оставки од претставници на власта за убиството на Нешкоски, за кое судот определи казна затвор од 14 години за Игор Спасов, припадник на полициската единица „Тигри“. Фрлаа најразлични предмети и се обидуваа да влезат во Владата. По почетокот на протестот во еден момент дел од учесниците ги прескокнаа заштитните огради, но беа оневозможени од полицијата да влезат во Владата.20150505_215426/МИА