Нужно е будење на колективниот ум, а Македонија не смее да се откаже од културно – историското наследство, бидејќи без македонската државност и зачувување на историјата ЕУ ќе нема што да интегрира, вели првиот човек на МАНУ, академик Љупчо Коцарев по повод одбележувањето на денот на институцијата.
Тој потенцира дека ако ја изгубиме нацијата, не ни треба европска интеграција.
-Ако пак ја изгубиме македонската држава, нема да постои државен ентитет да се интегрира во ЕУ. Така ЕУ ќе нема што да интегрира, а ние што да одбележуваме и прославиме. Имаме визија и капацитет да одговориме на актуелните предизвици, рече Коцарев.
Тој потенцира дека ако и наредната влада од која било провениенција продолжи со, како што рече, деструктивни и коруптивни политики, тогаш треба да се соочиме со реалноста и со предизвиците на државата која неумоливо тоне.
– Ние како членови на највисоката научна и уметничка институција во државата не можеме да бидеме неми сведоци на ваквите тенденции, да не предупредуваме и да не нудиме решение и визии, нагласи Коцарев.
Претседателот на МАНУ предлага ограничување на ингеренциите на извршната власт во подрачјата кои според Уставот се утврдени како автономни сфери на општеството, како што се образование, наука, култура, здравство и друго.
– Предлагам да се донесе закон со кој ќе се одземат ингеренции на МОН да изготвува стратегии за развој за образование и наука, или да подготвува реформи во образовниот и научниот систем. Второ, стратегиите реформите во синергија ќе ги подготвуваат МАНУ, универзитетите и стопанските комори. МОН ќе биде обврзан да ги имплементира така подготвените стратегии и реформи, рече Коцарев.
Во рамки на одбележувањето беше доделено меѓународното признание „Блаже Конески” на годинашните добитници Елена Верижникова и Фрсоа Пејоска-Бушро. Пригодни говори по повод доделувањето на признанието одржаа Марјан Марковиќ и Катица Ќулавкова.