Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев застана во одбрана на македонската министерка за енергетика, Сања Божиновска поради нејзиното наводно бугарско државјанство и пасош. Ковачев замерува дека „Божиновска се соочува со јавен линч во Македонија бидејќи е Бугарка“.
-Таа и нејзиното семејство, заедно со над 150.000 други граѓани на РСМ, стекнале бугарско државјанство врз основа на докажано бугарско етничко потекло и изјавиле дека се чувствуваат како Бугари. Покрај Сања Божиновска, има и десетици актуелни или поранешни премиери, министри и заменици кои самите или нивните семејства се во иста ситуација на најголемиот прекршок – да се Бугари. Очигледно е дека за да ги задржат своите функции и кариери, тие се принудени да ја кријат својата бугарска самосвест и потекло, а често дури и да ја клеветат Бугарија само за да не бидат осомничени дека се Бугари. Без да ги оправдам за ова, донекаде ги разбирам – тие само се обидуваат да преживеат по цена на се. Иако формално на високи позиции, и тие, како и другите десетици илјади Бугари таму, се жртви на антибугарската пропаганда и омраза, останати од времето на комунизмот и Титова Југославија, а кои денес станаа главни државната идеологија и политика, објави Ковачев на својот официјален Фејсбук профил.
Европратеникот ги повикува „бугарските власти и институции да ги заштитат правата и честа на Божиновска, нејзиното семејство и сите други граѓани на РСМ кои се дрзнале да го признаат своето бугарско потекло и да се изјаснат како Бугари“.
-Ги повикувам и пратениците на идното Народно Собрание на Бугарија што поскоро да ги усвојат неопходните измени на Законот за бугарско државјанство, со кои ќе се направи јавен регистар со имињата на сите оние кои се стекнале со бугарско државјанство, како и да се олесни стекнувањето државјанство на овие наши сонародници, кои отворено го декларираат своето бугарско потекло и бугарскиот етнички идентитет. Тие веќе нема од што да се кријат, а оние кои агресивно ја клеветат Бугарија, ќе им се види вистинското лице, стои во објавата на Ковачев.
Бугарската агенција БГНЕС неодамна објави дека целото семејство на Божиновска се бугарски државјани. Според агенцијата, Божиновска во септември минатата година поднела барање за отпуст од државјанството, но бугарската држава сѐ уште не издала указ за ослободување од државјанство.