Ковачев ги информирал Европската комисија и Европскиот парламент за претепувањето на Кадриески

од Nikola Popovski
527 прегледи

„Продолжува теророт кон Бугарите во Република Северна Македонија, кои го декларираат својот идентитет, а македонските власти не преземаат јасни и дефинитивни мерки за ограничување на овие случаи“. Вака обвинил бугарскиот европратеник Андреј Ковачев.

Ова следува откако еден од копретседателите на бугарскиот клуб „Шемето“ од Струга, Бекир Кадриески наводно бил претепан и навредуван на етничка основа од страна на непознати лица врз основа на неговата бугарска самосвест.

„Сторителите на злосторствата од омраза и физичките напади врз Бугарите не се казнуваат брзо и ефективно. Напротив во некои случаи тие се охрабрени од атмосферата што таму ја создаваат политичари, новинари, академски претставници, јавни личности кои продолжуваат со идеологија од комунизмот и со епитети кон Бугарија како фашисти, татари итн“, категоричен бил Ковачев, пренесува „Bg on AIR“.

Ковачев, како што вели, веќе ја информирал Европската Комисија и сите пратеници во Европскиот парламент, дури испратил и писмо до евроамбасадорот Дејвид Гир, како и до Европската служба за надворешни работи.

„Ова е уште еден напад против лице кое отворено го декларира својот бугарски идентитет. Ова е основно човеково право на самоопределување“, кажал Ковачев.

Тој исто така порачал дека „Македонија треба да го смени Уставот, но и да го спроведува Договорот за добрососедство од 2017 година и двата протоколи потпишани во договорот, како чекори против говорот на омраза, за промени во учебниците и за интеграција на Бугарите во сите нивоа на управување на Македонија“.

Слични содржини