Ковачев: Македонските власти ја обвинуваат Бугарија за попречување на преговорите со ЕУ што категорично не е вистина

„Премиерот Мицкоски не ја сака европската интеграција и ја користи Бугарија како изговор“, тврди бугарскиот европратеник

од Nikola Popovski
38 прегледи Фото: Фејсбук/Андреј Ковачев

„Ги повикав властите во Скопјe да го надоместат заостанувањето што веќе го имаат во споредба со Албанија и Црна Гора и да престанат да бараат некого да обвинат. Во моментов, Бугарија е виновна за нивната неспособност да започнат преговори – ова категорично не е вистина. Тие самите се виновни, а најмногу премиерот Христијан Мицкоски, кој не ја сака оваа интеграција и ја користи Бугарија како изговор за да се престави во јавниот простор со зборовите: „Еве, ние сакаме многу, но Бугарите не дозволуваат“. Ова го изјавил бугарскиот европратеник Андреј Ковачев за бугарските медиуми.

Членот на Европската народна партија повторил дека првиот задолжителен услов за започнување на преговорите со Македонија е Бугарите да бидат вклучени во сите делови од Уставот во кои се наведени поединечните народи. Според него, тоа е гаранција за недискриминација.

-На овој начин, тие ќе имаат мирна можност слободно да се дефинираат како Бугари, да добијат кариерен развој, образование и да го развиваат својот бизнис, без да бидат вознемирувани поради својот идентитет. Зборуваме за луѓе кои слободно се дефинираат како етнички Бугари, дел од историската бугарска заедница, која историски е и најголемата етничка заедница во географската област на Македонија, рекол Ковачев за бугарското „Радио Фокус“.

Поднесените амандмани од бугарските европратеници во Европскиот парламент отворија сериозна дебата за иднината на македонските евроинтеграции и можните нови условувања во процесот. Во извештајот за Македонија, бугарски претставници предложија измена на формулацијата поврзана со отворањето на кластерот „Основи“. Наместо јасно отворање по уставните измени, тие бараат поопшта формулација – „да продолжи процесот на пристапување“, што остава простор за дополнителни услови во иднина.

Според зборовите на Ковачев, со амандманите се бара „Историската комисија активно да работи и за спроведување на договорот. Комисијата мора да даде препораки до двете влади за заедничко славење на личности и настани од нашата заедничка историја, како и за промени во учебниците по историја во образовниот систем“.

Според Ковачев, целта на учебниците не е да генерираат говор на омраза и да не доведат до дискриминација кон македонските граѓани кои отворено „го нагласуваат својот бугарски идентитет“.

Неговите изјави следуваат откако Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, преку амандман побара правната служба на Советот на ЕУ итно да ги расчисти сите двосмислености околу правниот статус на вториот билатерален протокол меѓу Македонија и Бугарија во рамки на пристапниот процес. Барањето доаѓа во момент кога бугарски европратеници поднесоа голем број амандмани на извештајот за Македонија, со што повторно ја отворија дилемата колку билатералните спорови се прелеваат во европската патека на земјата.

Со овој потег, Вајц практично бара Брисел јасно да каже дали вториот протокол од Договорот за добрососедство е политички документ што стои покрај преговарачката рамка или фактички станал дел од условите што Македонија мора да ги исполнува на патот кон Унијата. Во ист пакет амандмани, тој бара и европските институции да бидат поактивни во деблокирањето на процесот, како и отворањето и затворањето на преговарачките поглавја да не зависи исклучиво од едногласност, туку од квалификувано мнозинство.