Бугарите во Северна Македонија се стигматизирани, изјавил бугарскиот европратеник и член на бугарската партија ГЕРБ, Андреј Ковачев во интервју за „БНР“.
Тој ја коментирал, како што вели, континуираната негативна реторика од новите македонски власти.
„Тоа што Христијан Мицкоски повторно прави провокации е многу жално и значи дека тој не сака евроинтеграции за сопствените граѓани. Бугарија одлично си ја заврши работата. Потпишавме Договор (за добрососедство и пријателство) во 2017 година, кој, сепак, не се спроведува. Тој е исто така дел од преговарачката рамка на земјата со ЕУ“, кажал Ковачев во интервјуто.
Европратеникот, меѓу другото ги повикал бугарските пратеници да се заложат за измени во Законот за бугарско државјанство, јавен регистар и олеснување при стекнувањето државјанство за оние кои јавно се изјаснуваат како Бугари.
„Тоа не може да биде нешто скриено и тајно“, смета Ковачев.