Се надевам дека по изборите во Македонија и оние во Бугарија, ќе се има волја за подобрување на билатералните односи и изјавите на Христијан Мицкоски дека по гласањето ќе најде начин да ги подобри односите, изјавил бугарскиот европратеник Андреј Ковачев за изборните резултати во Македонија. Тој е третиот бугарски политичар по претседателот Румен Радев и в.д. премиерот Димитар Главчев кој го коментираше исходот од изборите и смената на власта во земјава.
-Секогаш сме биле отворени за пријателство и добрососедство. Во 2017 година го потпишавме Договорот (за пријателство, добрососедство и соработка), потсетил Ковачев.
-На ова се надоврзува и европскиот предлог за почеток на преговори, поддржан од сите земји членки, ратификуван во парламентот во Скопје, за вклучување на Бугарите во Уставот на Република Северна Македонија, без дискриминација за нејзините граѓани, со декларирање на нивниот бугарски идентитет. Исто така и можноста за развој на кариера, за бизнис, намалување на „говорот на омраза“, како и менување на учебниците. Имплементацијата на Договорот и двата протоколи ќе бидат критериумите со кои ЕК ќе го оценува напредокот на Република Северна Македонија за членство во ЕУ, нагласил европратеникот во изјава за „БТА“.
-Уште еднаш подаваме рака за добрососедство и соработка, се надеваме дека ќе имаме добри односи со Христијан Мицкоски, сега како премиер со кој сме заедно и во ЕПП, посочил Ковачев.
Европратеникот им честитал на ВМРО-ДПМНЕ и професорката Силјановска-Давкова на, како што вели, исклучително добриот резултат, „со надеж дека ќе придонесат за подобрување на односите, а не да влегуваат во спирала на налудничави расправии од пред 100 години, врз кои се градела омраза кон Бугарија“.