Ковачев: Трите најголеми партии во ЕП поднесоа амандман да се отстрани македонски идентитет и јазик од Предлог-извештајот

од Nikola Popovski
667 прегледи

Бугарскиот европратеник, Андреј Ковачев изнесе нови информации за Предлог-извештајот за напредокот на Македонија кон членството во ЕУ. Според него, воопшто нема да се спомне македонски идентитет и македонски јазик во документот кој треба да се гласа на пленарната седница на Европскиот парламент на 8 јули.

„На барање на групата на Европската народна партија, трите најголеми партии во Европскиот парламент – ЕНП, С&Д (социјалистите) и либералите од Ренју, синоќа се согласија да ги отстранат сите референци за „македонски идентитет“ и „македонски јазик“ од Предлог-извештајот за напредокот на Северна Македонија. Очекувам дека овој амандман ќе биде поддржан од мнозинството во ЕП следната недела на пленарна седница“, објави Ковачев.

Контроверзниот европратеник смета дека темите за идентитетот и јазикот немаат место во Извештајот за напредокот на земја што аплицира за членство во ЕУ. Вели дека ваквите теми водат само кон неединство и ја отвораат Пандорината кутија.

„Ова е потврдено во овој конкретен случај со постојаните појавувања на владетелите во Скопјe, а особено на премиерот Мицкоски со неговите манипулации со „вековниот идентитет и јазик“. Неприкриената цел на властите во Скопјe беше, во пресрет на локалните избори, да покажат некаков неверојатен триумф над „источниот сосед“ и со тоа да објаснат зошто би направиле некои козметички измени во својот устав и делумно би ги вклучиле Бугарите во него. И покрај невидениот притисок и лобирање, таков преседан не треба да стане дел од извештаите на Европскиот парламент или на која било друга европска институција“, напиша Ковачев.

Тој нагласува дека наместо тоа, Македонија треба да го почитува потпишаниот Договор за добрососедство со Бугарија и да ја деблокира работата на Заедничката историска комисија, каде што според договорот треба да се разгледуваат темите поврзани со заедничката историја.

Извештајот за напредокот на Македонија, подготвен од известувачот Томас Вајц, беше изгласан на 24 јуни 2025 година од страна на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на ЕП. Предлогот за поднесување амандман ’модерен’ за македонскиот идентитет и јазик не доби мнозинство. Сите амандмани од бугарските европратеници беа отфрлени. Извештајот беше одобрен од парламентарната комисија за надворешни работи со 40 гласа ‘за’, 19 беа ‘против’ и 10 ‘воздржани’.