Европратеникот Андреј Ковачев го осуди инцидентот со скопската градоначалничка Данела Арсовска, нарекувајќи го „уште еден загрижувачки атак врз бугарски државјанин во Северна Македонија“. Ја повика амбасадата на Бугарија во Скопје да ѝ обезбеди правна, конзуларна и морална заштита.
Тој оцени дека притисокот во земјава врз граѓаните што се декларираат како Бугари е толку голем што, како што вели, тие се принудени да го кријат или негираат својот бугарски идентитет.
Ковачев повика бугарската држава да ги заштити над 216.000 бугарски државјани во Македонија, кои, според него, доброволно го стекнале државјанството и се изјасниле како етнички Бугари.
По изјавата на Ковачев, градоначалничката вчеравечер во емисијата „Тешки муабети“ го демантира бугарскиот европратеник, наведувајќи дека нема бугарско државјанство.
„Јас од раѓање имам чешки пасош, мајка ми е Чехиња, имам македонски и чешки пасош, немам бугарско државјанство ама еве и да имав, не треба да ме заштитат? МВР е должно да ги штити сите на територијата на Град Скопје, дури и да се бугарски државјани, а јас не сум бугарски државјанин“, кажа Арсовска.