Ковачев за самитот кај Крањ: Повторно ќе се каже дека ЕУ стои зад проширувањето и дека треба да се направи повеќе

од Nikola Popovski
376 прегледи

Бугарија има европска позиција во спорот со Република Северна Македонија. Ние ги браниме човековите права и се бориме против говорот на омраза, вели за БГНЕС, Андреј Ковачев, бугарски европратеник од Европската народна партија.

Тој нагласи дека на самитот ЕУ-Западен Балкан, што се одржува по иницијатива на Словенија, ставот на Бугарија за започнување преговори за РСМ со ЕУ треба да се базира на Декларацијата усвоена од Националното собрание и Рамковната позиција одобрена од Националното собрание до Советот на министри.

Ковачев рече дека тврдењата на македонската страна дека нивната позиција не одговара на европските вредности се невистинити.

„Позицијата на Бугарија за Македонија е европска затоа што ги штити европските вредности- недискриминација, толеранција и избегнување говор на омраза. Ние немаме културно-историски спор со РСМ, но имаме проблем со човековите права. Има луѓе кои отворено ја изјавуваат својата бугарска историска припадност и потекло“, рече европратеникот.

„Македонските државјани кои добиле бугарско државјанство по потекло се загрижени дека ова ќе стане јавно, бидејќи ќе бидат подложени на навреди и дискриминација на работното место. Ова е апсолутно неприфатливо. Нема ниту еден Бугарин на висока државна позиција во РСМ или во медиумите. Ова уште еднаш покажува дека во РСМ е опасно да се изјаснуваш за своето бугарско потекло“, категоричен е Ковачев.

Од средбата во Словенија, Ковачев не очекува големи позитивни резултати за европската перспектива на сите земји од Западен Балкан кои сакаат да се приклучат.

„Повторно ќе се каже дека ЕУ стои зад проширувањето и дека треба да се направи повеќе, вклучително и преку финансиски програми. Исто така, треба да се запамети дека пет земји не го признаваат Косово, вклучително и Грција. ЕУ се уште ги држи затворени косовските граѓани. Кај нив нема безвизен режим, што е скандалозно. Многу зборуваме дека сакаме да бидеме независен посредник во дијалогот Косово-Србија, но не ги третираме граѓаните на Косово и оние на Србија на ист начин “, нагласи Ковачев.

Тој изрази жалење поради зборовите на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, кој пред неколку дена рече дека Бугарија речиси го запира Западен Балкан, додека Атина не го признава Косово.

„Не си дозволивме да им кажуваме такви работи на Грците веќе 17 години, кога тие имаа многу помалку важен спор за името со Македонија отколку нашиот проблем со човековите права“, додаде Ковачев.

Слични содржини