Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски денеска информира дека ѝ се извинил на пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Бети Стаменкоска-Трајковска за зборовите што ги кажал во Собранието.
-Првин таму имаше дискусија која траеше 11 дена. Јас тоа што го кажав од место го кажав и на говорницата, но веројатно кога зборувате од место со други колеги, нешто може да биде протолкувано погрешно. Исклучително ја почитувам пратеничката и телефонски ѝ се јавив и ѝ се извинив, доколку таа се нашла навредена од тоа што го разбрала што јас го кажав со други колешки во Собранието. Исто така и се јавив и на претседателката на Форумот на жени на ВМРО-ДПМНЕ и на истиот начин се извинив и тоа е нормално да го направам, рече Ковачевски.
Премиерот додаде дека уште од прв ден, тој и неговото семејство се под директен напад, посебно неговата сопруга, под директна наредба на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски.
-До таква атмосфера дојде бидејќи немајќи никакви аргументи во расправата во Собранието, со оглед на тоа дека нивниот претседател кажуваше дека имал 61 пратеник за да ја турне Владата, по негова наредба дискусиите на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ беа исклучено насочени против мојата сопруга, иако тој знае за одредени здравствени предизвици кои ги има мојата сопруга. Исто така директно под негова наредба за мојата малолетна ќерка во текот на јули 2022 година кога имаше протести против францускиот предлог, беа правени недолични видеа на апликацијата ТикТок и јас за ова од таков нечовек не барам извинување, истакна премиерот на прес-конференција во Владата.