Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски денеска повторно беше запрашан за ситуацијата околу уставните измени и дали ќе се свика нова лидерска средба, со цел да се доближат ставовите со опозицијата.
-Од 7 јуни дознавме дека ВМРО-ДПМНЕ не е е против уставни измени и внесување на други делови од народи во преамбулата. Не важи веќе тоа дека оваа Влада нема легитимитет и дека Собранието нема легитимитет да го заврши процесот, рече премиерот.
Ковачевски истакна дека условите од лидерската средба биле презентирани пред ЦО на СДСМ и дека биле поздравени, но дека и другите владеачки партии ги прифатиле.
-Сега останува ВМРО-ДПМНЕ да остане на искажаниот став и да номинира членови и да седне да разговара на работна група. Се потврди дека можат да се донесат одлуки. 20 години гледавме водење политика на дневно-политички поени и градење рејтинзи за избори. Ако бесмислениот спор со Грција се решеше пред 25 години, ние пред 20 години ќе бевме членки на НАТО и ЕУ, заедно со Хрватска. Ние тргнавме пред Хрватска,а тие имаат Шенген и евро, а ние уште расправаме дали некој заради лична политичка кариера за одлука од која што зависи иднината на државата. Таа одлука првпат ќе внесе бугарски дел од народ во нашиот Устав. Уставните измени значат дека паѓа во вода тезата „еден народ во две држави“, посочи премиерот.