Ковачевски: Активно придонесуваме во колективниот систем за одбрана на НАТО

од Stefanija Kuzmanovska
234 прегледи

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска, заедно со заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и министерката за одбрана, Славјанка Петровска, беше во посета на фабриката за производство на малокалибарска муниција „АТС АММО“ во Самоков.

Премиерот Ковачевски посочи дека „АТС АММО“ е единствената македонска фабрика во земјава за производство на малокалибарска муниција „АТС АММО“, која во минатото беше позната како „Сувенир” од Самоков.

„Цели 42 години оваа фабрика опстојува на овие простори со долгогодишна традиција и искуство во производството на сите видови на малокалибарска муниција и успеа со својот квалитет да се пробие во светски рамки. „АТС АММО“ е дел од АТС групацијата која е присутна во 56 земји во светот“, рече премиерот Ковачевски, додавајќи дека фабриката работи според НАТО стандарди.

Наменската индустрија, како што посочи премиерот Ковачевски, е само една од областите каде сериозно се вложува преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите.

„Република Северна Македонија под капата на Алијансата се чувствува побезбедно и посилно. Заедно и рамноправно со другите земји членки се грижиме за регионалниот и светскиот мир и безбедност, се грижиме за подобро и побезбедно утре за нашите граѓани. Активно придонесуваме во колективниот систем за одбрана. Буџетот на Министерството за одбрана расте, од 1,85% од БДП, односно 274 милиони евра за оваа година, извесно е дека следната година ќе го достигнеме минимумот од 2% од БДП за одбрана кој беше договорен на НАТО Самитот во Вилнус. За модернизација и опремување одвоивме над 30 отсто од буџетот за одбрана и со тоа го надминавме минималниот праг на НАТО, најмалку 20% од буџетот за одбрана да биде наменет за оваа цел. А, таквата тенденција планираме да ја задржиме и следната година“, потенцира премиерот Ковачевски, нагласувајќи дека нашата земја е очекуван рамноправен партнер и на европската маса и дека тоа е процес од кој нема враќање назад.

Вицепремиерот Битиќи ги повика домашните компании да го следат примерот на „АММО“, да се охрабрат, да ги приспособат и реструктурираат своите производствени процеси, односно своите производи да ги усогласат со највисоките стандарди на Алијансата, што е услов за учество во тендерските постапки.

„Ова бара технолошко унапредување, но затоа компаниите не се оставени сами. Во оваа насока, ќе го споменам Законот за финансиска поддршка на инвестициите, како можност која ја создадовме за домашните компании да бидат поддржани во делот на инвестиции за технолошко унапредување на производството, посебно во делот на инвестирање за истражување и развој, каде финансиската поддршка изнесуваат 50% од прифатливите трошоци, како и поддршката во делот на извозот. Веќе преку овој закон се поддржани 919 компании, кои имаат реализирано инвестициски циклус од пола милијарда евра, поддржан од страна на Владата со околу 100 милиони евра. На овој начин, директно ги стимулираме и домашните компании своето производство, своите производи, да ги прилагодат на критериумите на Алијансата и со тоа да им отвориме нов простор за раст на бизнисите, за отворање на нови работни места, со достоинствени плати за граѓаните“, рече Битиќи.

Министерката Петровска по обиколката на капацитетите на „АТС АММО“ порача дека е сериозна компанија со голем квалитет што е многу важно во време кога се соочуваме со сериозни предизвици за да се задоволат потребите на воената индустрија. Петровска информираше дека оваа компанија веќе е регистрирана за учество на НАТО пазарот и додаде дека интересот на компаниите за комплетирање ма овој процес се зголемува.

„Оваа компанија веќе е регистрирана на НАТО пазарот и учествува на пазар кој вреден повеќе од пет милијарди евра. Она што ме радува и она што можам да го споделам како податок е дека и останатите компании во Северна Македонија кои се занимаваат со други дејности го зголемуваат интересот за регистрација на НАТО пазарот. Ако во 2021 година беа само осум компании, веќе во октомври 2023 година, тој број е 18 само за една година или вкупно некаде околу 40-тина компании кои го добиле тој НАТО код и може да учествуваат на НАТО пазарот“, рече министерката Петровска.

Министерката додаде дека Министерството за одбрана и Армијата имаат исклучително позитивна соработка користејќи ги производите кои оваа компанија ги произведува, а ќе соработуваат и во развојот и почетокот за производство на првиот македонски дрон.

Слични содржини