Ковачевски: Автокефалноста на МПЦ-ОА е уште една афирмација на македонскиот идентитет

од Берта Китинска
270 прегледи

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски, на седницата за пратенички прашања во Парламентот во однос на одлуката за автокефалноста на МПЦ-ОА оцени дека иако сме секуларна држава, оваа одлука како историски факт има огромни импликации за иднината на нашата држава.

Тој подвлече дека ова мислење го споделил и со архиепископот на православната црква ГГ. Стефан на нивната средба, бидејќи како што подвлече, со ваквата одлука се затвори последното идентитетско прашање и се оствари историското заслужено и природно право православните верници во нашата земја да имаат канонски признаена и прифатена црква од заедниците во целиот православен свет.

„Оваа канонски, исправна одлука со голема радост, што можеше да се види од сите верници, ја дочекавме на заедничка служба на претставниците на СПЦ и МПЦ како две рамноправни сестрински цркви. Македонските граѓани и македонските владици и целото општество со декади беа стрпливи, трпеливи, меѓутоа и истрајни да дојдеме до денот кога практично беше обзнанет почетокот на постапката за остварување на автокефалноста на нашата православна црква“, подвлече Ковачевски.

Тој констатираше дека во историскиот чин за прифаќањето на МПЦ-ОА како канонска и автокефална црква се вградени и големите дела и на Св. Кирил и Методиј, на Св. Климент, меѓутоа и на сите историски црковни достојници, коишто ја претставувале нашата црква пред граѓаните.

Тој изрази признание дека во донесувањето на оваа одлука учествуваа и редица наши истакнати дејци во историјата и во нашето современие, кои учествуваа во решението на идентитетското финално прашање на македонскиот православен народ.

„Од духовните плодови и придонесите коишто нашите големци во историската низа на нашиот континуитет го правеле, денес Македонците и македонскиот јазик се впишани во ризницата на светските народи и јазици и никој нема повеќе дилеми и никој повеќе тоа не го оспорува”, додаде Ковачевски.

„На оваа одлука, подвлече Ковачевски, исто така гледам и како на унапредување на традиционалното добрососедство со Република Србија и со српскиот народ. Тоа е и гест на уште една подадена рака за заеднички просперитет на нашите земји, нашите држави, на нашите граѓани и чин кој покажува како треба да се градат односи во регионот на држави и граѓани кои што одат напред”, потенцираше претседателот на Владата Димитар Ковачевски.

Слични содржини